Дигитален отпор за дигиталните учебници
Родителите се загрижени дека седењето пред мониторите ќе ги отуѓи нивните деца, а нема да ги направи посоцијални и поумни
Додека министерката за образование низ медиумите ја промовира идејата печатените учебници да бидат заменети со дигитални, во дигиталниот свет како бура се собира отпорот против ваквата идеја. Фејсбук страницата „Учебници и настава мора да има“ за еден ден собра дури 25.000 членови што е бројка за голема почит. Иако некои од нејзините членови се обидува да ја протурка политиката во групата, сепак главниот мотив на оние што се во неа е децата да учат од реални, печатени учебници, а не од дигитални.
Родителите се загрижени од тоа што нивните деца се по цел ден на мобилните телефони, па во печатените учебници гледаат и извесен прозорец за намалување на дигиталната зависност. Но, како што тврдат, плановите на министерката Царовска ќе ја зголеми таа зависност.
Основач на групата е Драгана Спасовска. „Јас како дипломиран воспитувач се охрабрив прва да пишам за проблемот кој ќе не уништи сите, и деца и возрасните. Се обидувам да го замислам животот на децата без учебници и не можам да замислам како ќе функционираат искрено. И онака веќе втора година се вразани по 24/7 за стол, а сега ќе треба и да учат од монитори… ако може тоа да се нарече учење. Ве молам доколку ве боли за децата, доколку барем малку посакувате добро за нив, тогаш дајте заедно да се здружиме“, напиша таа.
Одговорот на нејзиниот повик беше како цунами. Родителите се загрижени дека седењето пред мониторите ќе ги отуѓи нивните деца, а нема да ги направи посоцијални и поумни. Многу родители поставуваат логични прашања – кога некое семејство има три деца во основно училиште, како да им обезбеди три компјутери да учат истовремено, а не едно по друго да се менуваат зад мониторот. Потоа, зошто училиштата да морат да печатат копии од учебниците за оние ученици кои не сакаат да учат дигитално, како што се плановите на министерката Царовска. Потоа, како ќе изгледаат часовите во училиштата кога ќе почне физичкото присуство на учениците. Дали децата ќе гледаат во мониторите пред нив или ќе слушаат што зборуваат наставниците. Или, ако немаат ни монитори ни учебници, дали ќе мора да ги запишуваат во тетратка предавањата на наставниците.
Родителите, генерално, се фрустрирани што нивните деца една важна година од нивниот развој поради пандемијата мора да ја поминат преку онлајн учење.
Министерката Мила Царовска образлагајќи ја реформата рече дека со неа децата ќе стигнат до поголеми знаења и дека е време да се подготват за новото време. Во реформата е вклучен и УНИЦЕФ. (Н.В.)