„Диџеј Ахмет“ е живот, отпор, љубов


Филмот на Георги М. Унковски, „Диџеј Ахмет“ кој на светската премиера во јануари на престижниот фестивал на независен филм „Санденс“ во Јута, САД, освои две награди, учествуваше на повеќе од 30 фестивали, и го затвори годинешното издание на фестивалот “Браќа Манаки“ , сега ги полни салите на „Синеплекс“ во Скопје и во Битола со убава публика.

Филмот , кој годинава не успеа во трката за македонски претставник на Оскарите во март ( „изгуби“ од „Силјан“ на Тамара Котевска), топло ви го препорачуваме, како приказна која ве тера да размислите за животот, која ќе ве насмее и ќе ве расплаче и ќе ви предизвика лавина од чувства. Кога ќе излезете од салата ќе сфатите во какво апсурдно време живееме, како постојано се судираат модерната технологија и конзерватизмот, старото и новото, тишината и музиката. А во центарот е и една розова овца.

Од првиот кадар, „Диџеј Ахмет“ зборува со бои, со симболи, со звуци на рап музика и на животот, со одличен кастинг на актери (Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим, Атила Клинче, Ердоан Максут…) и со кинематографија како живо платно. Контрастот меѓу генерациите во едно јуручко село е мајсторски прикажан во сцени полни со човечка топлина и апсурд. Син кој непоколебливо го слуша својот суров татко, и помал брат кој уште не зборува, во сенка на починатата мајка.

А таму, во кадарот, блеска розевата овца – симбол на различноста, на храброста да бидеш надвор од толпата. Младиот овчар Ахмет, главниот лик, е таа овца. Различен, бунтовен, жеден за љубов и слободен дух кој се вљубува во Аја – девојка од богато семејство која исто така носи музика во своите вени. Љубовта меѓу нив не е романтична клише-приказна, туку чин на отпор, судир на два света кои не сакаат да се покорат пред стари правила. Приказната не завршува како што очекувате, ама животот продолжува за секој лик поинаку.

„Диџеј Ахмет“ е живот, отпор, љубов. Срце што чука во ист ритам со музиката на диџеј Ахмет.

Филмот е сниман во текот на 36 дена кон крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а некои снимања се одвиваа и во Скопско. Филмот е на турски и на  македонски јазик.

Унковски досега беше познат по својот краток филм „Налепница“ (Sticker), кој беше прикажан на Sundance Film Festival 2020. „DJ Ahmet“ е неговиот дебитантски долгометражен филм, кој по пет години работа и бројни предизвици во продукцијата, го донесе македонскиот филм на светската сцена.

Дебитантскот филмски проект доби поддршка од паневропскиот филмски фонд Еуримаж, во конкуренција со 76 европски проекти и е поддржан со 160.000 евра. Од Македонија, како мнозински копродуцент, продукцијата ја потпишуваат „Синема футура“, „Сектор филм“ и „Протим видео продукција“, а проектот се работеше  во копродукција со „Алтер висион“ од Чешка и „Бекрум продакшн“ и „Баш челик“ од Србија. 

Георги М. Унковски завршил фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД, а потоа магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешкаво класата на нашиот Иво Трајков.  (Л.С.)