Девојче на плажа во Мериленд најде заб на мегалодон


Сон на секој аматерски ловец на фосили е да пронајде праисториски и ретки фрагменти, а тоа му се случи на деветгодишно девојче.

Моли Симпсон за време на Божик престојувала во Калверт бич во Мериленд и на својата мајка ѝ рекла дека ќе бара „мега“. Била до колена во вода, а во еден момент нашла токму тоа што барала – заб кој му припаѓал на мегалодон, изумрен вид џиновска праисториска ајкула која живеела пред 25 милиони години, а изумрела пред 1,6 милиони години.

Мегалодонот бил долг 20 метри, а освен што бил најголема ајкула на светот, исто така има титула за најголема риба која некогаш постоела.

Забот кој Моли го нашла одговара на големината на нејзината шака. Инаку, нејзиниот татко од детството барал фосили на истата локација, а Моли нашла повеќе од 400 заби кои биле многу помали од овој последниот.

Семејството го однело забот во музејот Калверт Марина, каде стручњаците го потврдиле идентитетот на ајкулата.