Девет кандидати, но многу повеќе битки. Ќе има возбудлива кампања
„Битката“ меѓу актерките од Професорскиот пленум, Гордана Силјановска-Давкова и Билјана Ванковска може да биде најинтересна во целата кампања
Лекарот Вело Марковски и граѓанската активистка Мерсиха Смајловиќ од денес ќе имаат херкуловска задача – до 8 март да ги соберат неопходните 10.000 потписи за да можат да бидат и официјални кандидати за претседател на државата на изборите во првиот круг на 24 април. Собирањето потписи не е исто што и лајковите на Фејсбук или јавното бодрење. На претходните изборни циклуси тоа го разбраа Слаѓана Тасева (во 2009), Стојанче Ангелов и Билјана Ванковска (во 2014). Во претходните неуспешни обиди имаше поплаки од потенцијалните кандидати дека условите биле нерамноправни. Веројатно и биле, затоа што тие како поединци, со некоја група прврзеници околу нив не можат да заменат уходана политичка машинерија. Особено ако кандидатурата ја објавуваат во последен момент.
На другите седуммина кандидати сигурно ќе им биде полесно. Актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски, и Гордана Силјановска-Давкова и не мора да собираат потписи. Нивната кандидатура ќе биде поддржана со законскиот услов – 30 пратеници да се потпишат, но се верува дека и тие ќе одат во подрачните единици на ДИК да добијат граѓанска поддршка преку потписи. Тоа за нив не треба да биде проблем. Зад Пендаровски и Силјановска-Давкова застанаа двете двете најголеми партии (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери).
Се претпоставува дека проблем нема да имаат ниту Бујар Османи (кандидат на ДУИ) и Арбен Таравари (предлог на здружената албанска опозиција). Дури е многу веројатно дека двата политички блока ќе влезат во своевидна трка кој побрзо да ги собере потписите за да ја докажат наводната широка поддршка.
Левица сега ја има големата шанса да покаже колкави се потенцијалите на нејзиното „грасрут“ движење (како што би рекле Американците). Се разбира, оваа Левица не е онаа Левица од пред четири години и парламентарните избори кога освои два пратеника. Нејзиниот успех во некое брзо време да ги собере потписите за професорката Билјана Ванковска ќе треба да им покаже на конкурентите дека партијата е „тука за да остане“ и дека освојува сѐ поголем колач од поддршката на граѓаните. Брзиот успех со списоците за Ванковска сигурно ќе ги мотивира дополнително членовите и поддржувачите на Левица да дадат сѐ од себе во кампањата, а и да привлечат други кои досега можеби сомничаво вртеле со главите.
Бидејќи доаѓаат од местата градоначалници, за Стевчо Јакимовски (од Карпош) и за Максим Димитриевски (од Куманово) би се претопставувало дека нема да има посериозни проблеми при собирањето потписи. Но тоа не мора да биде така. И за двајцата гласаа жители на нивните општини во вториот круг во 2021, бидејќи ги сметаа за подобар избор од нивните конкуренти или дека добиле партиски препораки за таквиот чекор. Дали најголемиот дел од тие што гласале за нив ќе се појават во канцелариите на подрачните единици е едноставно прашање со комплициран одговор. Секако дека нема да биде така, но некои странични ресурси може да им помогнат на Јакимовски и Димитриевски побрзо да ја завршат работата. Максим Димитриевски допрва ја гради партиската инфраструктура (штотуку и формира партија), додека партијата на Стевчо Јакимовски постои веќе 10 години и колку и да има ограничено членство тоа е сепак респектабилно за остварување на задачата за собирање потписи. Тие и не мора да знаат, но може да добијат прикриена поддршка од големите партии за да се олесни собирањето потписи за да го поткопаат бројот на гласовите на главните ривали.
На крајот, нема дилеми дека и Димитриевски и Јакимовски ќе ги соберат потписите. Бидејќи, што би значело за градоначалникот на Куманово и неговата нова партија за парламентарните избори ако не успее да собере 10.000 потписи. Брз пат кон пропаст.
Не би сакале да им ја одземаме шансата на Вело Марковски и Мерсиха Смајловиќ, но доколку тие не успеат со потписите, во изборната трка ќе останат седум кандидати. Исто онолку како во 2009 година. Тогашната кампања беше многу интересна, а резултатите од првиот круг уште поинтересни. Само за потсетување – третиот и четвртиот на листата на изборните резултати: Имер Селмани и Љубе Бошкоски, добија 147.000 и 146.000 гласови.
Оваа кампања може да биде дури и уште поинтересна. На пример, каква дивергенција во ставовите ќе имаат двете професорки од Професорскиот пленум, Гордана Силјановска-Давкова и Билјана Ванковска, кои негуваат и блиски пријателски односи со децении. И имаат слични светогледи на некои од настаните од глобалната и домашната сцена. Во овој момент тоа може да изгледа и како најинтересна пресметка во арената. Ванковска има големи амбиции, можеби и поголеми од Силјановска-Давкова, и нејзината жестокост во кампањата не ќе треба да се потцени. Очекувајте исто толкава жестокост и од Левица, партијата што ја поддржа.
Иако изгледа како предност, главниот хендикеп на Силјановска-Давкова е што ВМРО-ДПМНЕ не предложи свој партиски член за претседателски кандидат. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ би имало елегантен простор да се дистанцира од неа при нејзиниот евентуален втор пораз. А веќе не би била ни на пратеничките листи.
Другата работа е веројатно позначајна за партиската номенклатура – Христијан Мицкоски не би сакал да има ривал внатре во ВМРО-ДПМНЕ доколку некој стане претседател. Тоа би фрлило голема сенка врз неговата моќ и авторитет. Затоа подобро е кандидатот да биде некој од надвор, кој не е дел од структурите.
Наспроти оној навидум заеднички став на партиите од албанскиот блок (претседателот да се бира во Собранието) борбата меѓу Бујар Османи и Арбен Таравари ќе биде битка на двете моќни извидници на двете големи армии. И покрај расколот во неговата партија (што самиот го поттикна) Таравари не треба да биде потценет. Тој има поголемо искуство во изборни битки од Османи. На два пати успеа да ја победи моќната машинерија на ДУИ во Гостивар и тоа е за респект. Прашање е дали угладеноста на Бујар Османи во кампањата ќе му помогне или ќе остави некого рамнодушен. За него, партиската поддршка е главна, но дали таа ќе биде и доволна? Доколку не успее да направи подобар резултат од Таравари во првиот круг, во ДУИ сијаличката за тревога ќе светне со силно црвено. Сега таа боја е портокалова.
За сегашниот претседател, Стево Пендаровски, има некаква олеснителна околност дека неговиот главен конкурент во кампањата ќе биде познатиот ривал Гордана Силјановска-Давкова. Можеби делумно и Максим Димитриевски, поради истиот базен на гласови од каде што ќе црпат. Тој треба да ја насочи кампањата во неколку правци во однос на ривалите и да се обиде да излезе што помалку повреден. Ако умее да го направи тоа. Според една последна анкета, доколку тој и Силјановска-Давкова влезат во вториот круг шансите на обајцата се целосно изедначени. Тоа е добар знак за Пендаровски. Една од поважните работи за него е да не направи посериозни грешки во кампањата.