„Бушава азбука“ доби дигитална верзија


Генерации деца израснаа со неповторливата „Бушава азбука“. Серијата од 1985 година на режисерот Слободан Унковски и драматургот Горан Стефановски, во продукција на Македонската радио телевизија (МРТ), беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм, актерска игра.

Серијата беше снимена по истоимената книга за која илустрациите ги направи карикатуристот Душан Петричиќ. Во серијата пак, ќе остане запаметена музиката на „Леб и сол“ и вокалот Ана Костовска, и секако врвната актерска екипа составена од имиња како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.

Повеќе од 30 години подоцна, на сцената настапува Гоце Митевски. Гоце е дизајнер и софтверски инженер со повеќе од дванаесетгодишно искуство во изработка на визуелни дизајни и сеопфатни кориснички искуства за печатени и електронски медиуми. Благодарение на него, сега имаме дигитализирана верзија на славната книга „Бушава азбука“.

„Ја дигитализирав ‘Бушава азбука’ во чест на Горан Стефановски и Душан Петричиќ“, вака Гоце ја сподели радосната вест на социјалните мрежи.

За порталот „Кајгана“  Митевски откри дека дигитализацијата била направена на наједноставен начин – со скенирање на графичките содржини и препис на текстуалните.