Детска ликовна работилница во Кумановскиот музеј
НУ Музеј Куманово денеска организира „Детска ликовна работилница“, во рамки на проектот „Сподели богатство“ поддржан од Министерството за
култура.
На работилницата учествуваат деца на возраст од 7 до 11 години од основните училишта во
Куманово.
– Проектот има за цел да ги запознае децата уште од најрана возраст со музејската дејност, значењето на музејските предмети и нашето културно богатство преку разни форми и области прилагодени за нивната возраст, изјави Неда Митковска, кустос од НУ Музеј, Куманово.
Децата од Куманово преку ликовни изразувања и заедничка интеракција со вработените од кумановскиот музеј градат свесност за музејската култура, историја, етничка припадност и заедништво.
Целта на овој проект е кај децата да се развие љубов кон старините, кон нашето богато, заедничко минато.
– Инаку, работилницата се одржува и по повод деновите на градот Куманово, така што учениците ќе ги разгледаат и делата од традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници“ за да се инспирираат и творат“, изјави кустосот Габриела Митевска од НУ Музеј Куманово.