Загина 16-годишник на мотор по судир со тротинет управуван од 14-годишно дете: Ова се деталите

16-годишникот управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, како и со брзина поголема од дозволената


Фото: Б. Грданоски

Еден малолетник загинал, а друг е  повреден во сообраќајна несреќа што ноќеска се случила на ул. „Цветан Димов“ во скопски Чаир.

Како што информира  денеска МВР, од здобиените повреди на местото на несреќата починал 16-годишен мотоциклист, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Четиринаесетгодишник кој управувал електричен тротинет, пак, се здобил со телесни повреди констатирани во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“. 

Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен соопшти дека  на 27 април 2025 во 02.28 часот во СВР Скопје било  пријавено дека на ул.„Цветан Димов“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „пиаџо беверли“ со скопски регистарски ознаки,  управуван од 16-годишник од Скопје, и електричен тротинет управуван од 14-годишник од Скопје. 

-Увид на местото  на несреќата извршиле екипа од СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција. По документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, наведува МВР. 

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото на тешката сообраќајната несреќа во која загина 16-годишен возач на мотоцикл, која ноќеска се случила во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”. 

Како што соопшти државното Јавно обвинителство, според првичните сознанија по увидот, 16-годишникот управувал без возачка дозвола и заштитна кацига, како и со брзина поголема од дозволената.

-На критичната локација не успеал да избегне електричен тротинет со кој по коловозот управувал 14-годишник. Во сообраќајната несреќа, возачот на моторот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на лице место, додека малолетникот кој управувал со тротинетот е повреден и задржан на лекување, соопшти ЈОРСМ. 

Со цел точно утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител издал повеќе наредби и насоки.

-Се обезбедуваат и се прегледуваат снимки од видеонадзорот на конкретната локација. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а и кај малолетникот кој управувал со тротинетот ќе бидат извршени анализи за евентуално присуство на алкохол или други недозволени супстанции, наведува Обвинителството.