Деспотовски бара одговор за 11.000 члена на СДСМ што не можеле да гласаат


Јован Деспотовски (Фото: Б.Грданоски)

Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ, по изборниот пораз од Венко Филипче смета дека е рано да каже дали ќе повторно ќе влезе во трката за партиски претседател во март, со забелешка дека „мора да се види крајот на актуелниот изборен процес“. Тој се согласува со констатацијата дека пред изборот морало да има отчетен партиски конгрес за да се лоцираат забелешките за катастрофалниот исход на СДСМ на парламентарните избори.Деспотовски ќе ја посвети целата идна енергија на политичката кариера во партијата, но повтори дека нема да го смени ставот за неприфаќање каква било партиска функција додека не се расчистат сите дилеми околу изборниот процес во најголемата опозициска партија.

Во однос на партиските избори за претседател, што се одржаа во неделата и за кои Деспотовски уште тогаш рече дека на многу членови не им било дозволено гласање, што беше спротивно од изјавите на претседателката на Централната изборна комисија, тој укажа дека не се согласува со изборниот процес.

– Не е во ред да пуштате на гласање луѓе за кои знаете како ќе гласаат, односно дека ќе гласаат за вас, а притоа повторно да им се протнат 25 отсто што гласале спротивно, а на сите други да им оневозможите да гласаат. Тоа не е во ред. Кога ќе го исправиме тоа, може да зборуваме за изборен процес – посочи Деспотовски.Тој праша каква партија ќе биде СДСМ и со кое лице ќе бара од граѓаните да го почитуваат владеењето на правото ако дома тоа не го прави.

– Мора да се одговори на прашањето што се случи што 11.000 члена не можеа да гласаат на изборот на нов претседател. Смешни се констатациите дека процесот минал коректно, а да се разгледуваат приговори. Нашите членови се вознемирени, постојано ми се јавуваат. Не може да се правиме дека сè е во ред кога не е. Годишните одмори или оправдувањата дека било жешко, се небулозни оправдувања. Која беше причината што секој втор регистриран член не гласаше – праша Деспотовски.

Прашан дали ќе има фракција во СДСМ, Деспотовски негираше и најави дека и натаму ќе инсистира да му бидат одговорени прашањата што ги поставил по изборниот ден.

– Зошто секој втор што во изминативе 25 дена потрошил дел од своето време и на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање за да гласа, не гласал или бил таму и го вратиле. Ако сакаме да зборуваме за регуларен процес, треба прво да одговориме на ова прашање. Не дека треба да му удоволиме на Јован Деспотовски, тоа е прашање за кое немаме луксуз како политичка партија да си дозволи да врати 11 илјади луѓе од процесот на гласање. Луѓето се вознемирени, се јавуваат, тие се таму по 20-30 години – поентираше Деспотовски.