Десет мегаватната фотонапонска централа „Осломеј 1“ пуштена во тест производство


Соларната централа изградена од државната компанија за енергија во земјава, 10-мегаватната „Осломеј 1“ денеска беше пуштена во тест производство. Оваа централа е карактеристична по тоа што е прв проект кај нас, но и пошироко во регионто на југоисточна Европа кој значи постепена замена на капацитет кој работи со класични енергенти – јагленот, со чиста енергија. Фотонапонската централа е во сопственост на ЕСМ, а е изградена на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“.

„Освен што со годишното производство од оваа нова фотоволтаична електрана од 15 до 17 гигават-часови ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина. Овој проект е од огромна важност, бидејќи е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка во чиста технологија. Истиот е пример за одлично спроведен проект во целиот регион на Југоисточна Европа, и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

 

Според него, тест-пробата што се врши денеска и  скорешното официјално пуштање во употреба на фотонапонската централа, за земјава значи движење кон производство на чиста енергија што е и заложба на ЕУ.

Соларната централа од 10 MW е изградена на место на затворениот рудник за јаглен Осломеј, а беше изградена од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), компанија за производство на електрична енергија во државна сопственост. Ова е првата соларна централа во Северна Македонија, изградена со цел да ги диверзифицира изворите на енергија и да ја поддржи декарбонизацијата. Се очекува да произведува скоро 15 GWh електрична енергија и да замени 12.177 тони на јаглероден диоксид на годишно ниво, соопшти Европската банка за обнова и развој.

ЕБОР ја поддржа оваа инвестиција со кредит во износ од 5,9 милиони евра, додека билатералните донатори од Инвестициската програма за Западен Балкан обезбедија дополнителни 1,6 милиони евра грант. Вкупната вредност на проектот е 8,7 милиони евра.

,,Новата соларна централа ќе ѝ помогне на земјата, која има сериозно загадување на воздухот заради искористувањето на јагленот, да ја намали зависноста на застарената инфраструктура на согорување на овој енергенс. Осломеј ќе генерира евтина електрична енергија во овој период, кога цената на електричната енергија има многу висока пазарна вредност. Горди сме на ова постигнување и расположени сме да ја продолжиме нашата работа со властите на земјата, во промовирање на натамошната декарбонизација во Северна Македонија.”, вели Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија. 

Новата соларна централа има капацитетот од една десетина од стариот капацитет на јаглен, а ЕБОР работи со ЕСМ во инвестирање на дополнителни соларни централи. Банката одобри и финансирање за проширување на постоечкиот капацитет во Осломеј, како и за изградба на нова централа во Битола, со вкупен комбиниран капацитет од 30 мегавати. Европската Унија ја поддржува оваа инвестиција со 5,1 милиони евра инвестициски грант.

,,Транзицијата на Северна Македонија од земја која зависи од јаглен започнува денес, со правење на чекор кон имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан, во линија со Европскиот зелен договор. Користењето на соларна енергија за да се создаде чиста енергија носи повеќекратни бенефити во животите на луѓето, преку намалување на загадувањето, истовремено зајакнувајќи ја енергетската безбедност во земјата.“, изјави Џулијан Васало, заменик претставник од Делегација на ЕУ во Скопје.

Официјалното пуштање во употреба на оваа фотоволтаична електрана, веднаш по завршувањето на тест периодот, значи почеток на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј“ и Кичевскиот Регион.
Премиерот Ковачевски, во обраќањето во Осломеј, посочи дека ЕСМ работи на нова студија за уште една електрана од 10 мегавати, а потпишани се договори за изградба на уште две фотонапонски електрани со што „Осломеј“ од јаглен целосно ќе премине на користење на обновливи извори на енергија.
„Договорите од една страна се потпишани од ЕСМ, како јавен партнер и од друга страна со „Фортис Енерџи“ од Турција во едната електрана, а со „Солар про“ од Бугарија во другата. Приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,50% од произведената електрична енергија за час. Од овие инвестиции државата се очекува да заработува околу 1,5 милиони евра годишно“, рече Ковачевски.

Владата ја донесе новата Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, која целосно е базирана на Европскиот Зелен Договор и веднаш започна со нејзина имплементација. Преку концептот на Стратешки инвестиции, обезбедени се над 1000 MW, во проекти за изградба на фотонапонски централи и ветерни централи и тоа со реномирани компании кои доаѓаат од ЕУ, како што се „АКУО“ од Франција и „WPD“ од Германија кои се водечки компании во Европа за развој на проекти од обновливи извори на енергија.
Ковачевски исто така посочи дека процедурата за изградба на Чебрен е во втора фаза, о дека се очекува до средина на годинава да се донесе одлуката за избор на најповолен понудувач, со што најважниот проект за енергетската транзиција на земјава конечно ќе дојде до фаза на реализација.
Инаку, претпладнево во трансформаторска станица што е дел од новоизградената соларна електрана на поранешниот рудник за јаглен „Осломеј“ избувна пожар. Пожарот беше изгаснат, а од компанијата истакнаа дека се работи за пробна работа и оти се можни  вакви дефекти.