Дер Лајен: Имајте верба, целта ми е до крајот на годината да ги почнете преговорите


„Целосно, со цело срце, го поддржувам формалното отворање на пристапните преговори, и тоа што е можно побрзо“, порача претседателката на ЕК. Заев верува во поговорката дека договор куќа гради, а не во оценките на Црвенковски за преговорите со Бугарија
 
 
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска по средбата со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев изјави дека целта на која е фокусирана е Северна Македонија до крајот на годината да ги почне преговорите со Унијата.
 

„Ве сакаме покрај нас. Европската комисија и јас стоиме на тоа. Вие постигнавте извонреден напредок и донесовте храбра одлука и сакам да ви честитам за тоа. Сакам да бидам јасна дека сега ЕУ треба да испорача“, рече Фон дер Лајен.

Таа исто така ги повика граѓаните во земјата да не губат верба дека  иднината на земјата е во Европската унија.

„Целосно, со цело срце, го поддржувам формалното отворање на пристапните преговори, и тоа што е можно побрзо. Ве повикувам да не губите верба, зашто добро ги изодевте патот до тука, остваривте голем напредок. Ајде да направиме уште еден чекор, да работиме вредно до одржувањето на таа прва меѓувладина конференција, тоа ќе биде нов успех“, изјави  Дер Лајен прецизирајќи потоа дека тој чекор е решението за спорот со Бугарија, за кое рече дека има добри идеи. 

„Работиме со двете страни, работиме и со Бугарија за да ја надминеме последната пречка. Има многу добри идеи што треба да се разгледаат, се со цел да ја надминеме последната пречка и да се одржи првата меѓувладина конференција. Нашата цел е со Северна Македонија и со Албанија да почнеме пред крајот на годината. Има многу работа, долг е процесот, многу разговори, затоа што има многу теми што може да се решат со добар дијалог. Севкупната цел е да се започне со пристапниот процес, кој веќе не треба да биде попречуван од овие теми“, дополни претседателката на ЕК. 

Таа не сакаше ни да го коментира можното раздвојување на Македонија и Албанија во процесот.

„Мислам дека моментно за нас е важно да се фокусираме на испорачување сега. Јас се фокусирам главно на тоа и сакам двете држави, Северна Македонија и Албанија, да почнат со пристапниот процес. И навистина треба да испорачаме сега, а кога велам сега мислам на крајот на годинава, прецизираше Лајен. 

Премиерот Зоран Заев кажа дека земјава дома сериозно ги исполнила европските вредности, а ЕУ мора да изнајде начин како да ги одржи зборот и да го продолжи проширување со земјите од Западен Балкан. Според него, од Бугарија стигнале позитивни сигнали за ставот дека не можеме да преговараме за идентитетските прашања , а со тоа и за откочување на процесот.

 „Ние ги негуваме сите европски идентитети овде кај нас сакаме и нашиот македонски идентитет со македонскиот јазик да бидат негувани. Како што реков, мило ми е што имаме позитивни сигнали по тој дел на најважната област по која се разговара. Останатиот дел многу често сум го коментирал, тоа е патоказот со кој ќе ја унапредиме соработката и ќе ја забрзаме согласно Договорот за добрососедство и пријателство и  двете ноти за краткото и долгото име, немешањето во внатрешните работи и слично“, рече тој посочувајќи дека тие ршенија се темелат на португалскиот предлог што го продолжи Словенија. 

Запрашан како ќе го коментира ставот на екс претседателот Бранко Црвенковски дека Договорот со Бугарија и донел само лошо на земјата, Заев одговори дека Црвенковски не сака да го коментира директно, но верува во изреката дека договор куќа гради и дека секој договор може да донесе нешто добро за земјата. 

-Убеден сум дека дијалогот, дипломатијата, пријателството и меѓусебното разбирање се европски начини на изнаоѓање решение, му порача Заев на екс лидерот на СДСМ.

Генерално тој ја предупреди Дер Лајен дека блокадата на проширувањето се одразила негативно на целиот регион и дека е закана за довербата кон Европската унија „како кредибилен партнер.“

Дер Лајен потоа се наврати и на пандемијата и помошта што ЕУ и ја дава и ќе и ја дава на Македонија.

„Постигнавте голем напредок и сега на ред е ЕУ да возврати. Гледаме добри резултати на планот на борбата со криминалот и корупцијата, сигурна сум дека на крајот тоа ќе биде наградено. Во овој период ЕУ беше обременета со проблемот на пандемијата, економијата претрпе голем штети. Испорачавме 325 илјади дози на вакцини за земјите од Западен Балкан. Важно е  населението да се вакцинира и да се тргне во нова етапа, етапа на развој и обнова“, рече дер Лајен.Таа рече дека ѝ честита на земјава зашто беше првата земја од регионот која се приклиучи на ЕУ – платформата за ковид сертификат.

 

„Видов во текот на моето патување колку за вас е важен туризмот.  ЕУ мобилизираше многу средства, околу 3,2 милијарди евра за поддршка на региониот, а Северна Македонија доби 226 милиони евра во грантови што беше многу важно за здравствениот систем“, нагласи дер Лајен.

Во контекстот на кризата созадена со пандемијата таа рече дека е многу важно закрепнувањето.

„Треба нанапред да гледаме и да обезбедиме закрепнување на Северна Македонија. Младите заслужуваат позелена и подигитална иднина. Ја поздравувам вашата кампања за зелен договор, тоа обезбедува и подобра иднина и повеќе работа за младите. На масата ставивме над 9 милијарди евра, од ваша страна се потребни зрели проекти, преку кои би можело да се достигне и и до 20 милијарди инвестиции во такви области“, рече претседателката на ЕК и додаде дека како што напредуваат работите дека би можело да се предложат и уште 600 милиони евра за други проекти.

„Работиме на најдобрите проекти заедно – интерконекцијата со гас со Косово и Србија и инвестиција во соларни централи. Тоа обезбедува раст во регионот и овозможува интеграцоија внатре во регионот, а шесте партнери би можеле така заедно да го забрзаат своето пристапување во ЕУ“, нагласи дер Лајен.

„Северна Македонија може многу да даде и да придонесе, да го слушнеме таму гласот на младите, тие се иднината и тие се нашата заедничка иднина. Во оваа прилика ќе предадам грант во износ од 2,6 милиони евра буџетска поддршка за младите, тоа е за перспектива на младите, нема подобра инвестиција за младите. Драго ми е да ви го поредадам грантот“, рече дер Лајен и нагласи дека тоа ќе го стори откако ќе ја стави заштитната маска. Веднаш потоа грантот му беше предаден во рацете на премиерот Заев.

По денешната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, утре во Скопје пристигнува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. (С.Ј.)

Фотографии: Борис Грданоски