Концерти, филмови и предавања на денови на македонската култура во Будимпешта
Повеќе настани ја одбележаа манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта 2019“, што се одржа од 15. до 26. месецов, во организација на Лекторатот по македонски јазик во соработка со Здружението на Унгарците – Теледом од Скопје.
Манифестацијата се организираше по повод 30 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Лекторатот по македонски јазик при Институтот за славистика и балтичка филологија е отворен во 1989 година.
„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2019“ започнаа со проекција на македонскиот филм „Исцелител“, а унгарската публика имаше можност да погледне селекција од македонски кратки филмови создадени во периодот 2017-2019 година и да проследи концерт на Сашо Поповски Трио во Budapest Jazz Club.
„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2019“ беа затворени на 26 септември со промоција на унгарскиот превод на романот „Вештица“ од Венко Андоновски, кој одржа и предавање за хрватскиот поет Матош пред студентите на групата за хрватски јазик и книжевност на Институтот за славистика и балтичка филологија.
На лекторатот по македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ овој семестар 13 студенти ја посетуваат наставата по македонски јазик, од година на година се зголемува интересот за изучување на македонскиот јазик.
Според лекторот Златко Панзов, организирањето на вакви културни настани овозможува поголема видливост на самиот Лекторат и воопшто будење на љубопитност и интерес за македонскиот јазик, литература и култура кај пошироката унгарска публика.
„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2019“ се поддржани од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Амбасадата на Република Северна Македонија во Будимпешта.