Денеска паѓа рекордот по број на гледачи на ракометот, Македонија игра пред 50.000 навивачи


Во Германија денеска започнува Европското првенство во ракомет, а во центарот на вниманието на стартот ќе биде пресметката на германската и швајцарската селекција која ќе се одигра на фудбалскиот стадион во Дизелдорф, пред рекорден број гледачи. Претходно, на истиот терен ќе се соочат Франција и Македонија.

На споменатата средба ќе биде соборен светскиот рекорд по посетеност, бидејќи во Меркур Шпил-Арената се очекуваат повеќе од 53.000 навивачи.

Организаторите презедоа амбициозен ризик со организирање на воведните два меча во Меркур Шпил-арената, а Франција и Северна Македонија први ќе излезат на паркетот.

Поради ова, фудбалскиот стадион ќе се претвори во огромна ракометна арена само за тие два дуели и свеченото отворање.

Тревникот на фудбалскиот стадион каде игра второлигашот Фортуна е отстранет, а поставени се околу 9.000 столчиња за да се сместат што повеќе навивачи.

ЕХФ објави видео на кое се гледа трансформацијата од фудбалски стадион во најголема ракометна сала во светот за 15 секунди, а досегашниот ракометен рекорд го држи натпреварот меѓу Ловен и Хамбург кој го следеа 44.189 гледачи.

 

Што се однесува до системот на натпреварување, од секоја група одат првите две екипи, а потоа ќе се формираат две нови групи од кои двете најдобри селекции ќе се пласираат во полуфиналето.