Денеска е четвртиот обид да почне судењето за пожарот во тетовската модуларна болница


Фото: Б. Грданоски

 

 
За денеска во Основниот суд во Тетово е закажан четвртиот обид да почне судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година во која 14 луѓе ги загубија животите, а имаше и десетина повредени лица.

Судијата Јордан Велковски на 8 ноември судењето го одложи за 7 декември во 10 часот затоа што еден од обвинетите немаше адвокат бранител. Судијата информираше дека доколку не обезбеди адвокат за нареден пат ќе мора да почне главната расправа и без присуство на бранител на обвинетиот.

По десетмесечната истрага почетокот на судењето беше закажано за 6 септември 2022 па се одложи за 14 октомври поради отсуство на двајца од обвинетите. На 14 октомври беше одложено 8 ноември поради тоа што двајца од обвинетите немаа адвокати.
 


Обвинети се директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице.

Тетовското Обвинителсво ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово.  Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет,  електроинженер  и експерти-истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.
 


Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.  

Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата.

Пред два дена започна и отстранување на остатоците од изгорената модуларна болница.