Денес над Македонија…


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Ирански генерал е убиен со ракета, на тотален анонимус доделена плакета. Претседателот на функционери им даде амнестија, партискиот кадар во администрација си го сместија. Опозицијата ја обвинува власта дека краде, ниту една партија за потрошените пари отчет не даде. Градоначалник на општина пијан со анимир дами, граѓаните за загадување виновни сами. Едниот брат обвинуван за мито, другиот би сакал судството да го пушти низ сито. За Рекет „обвинети тројца“, народот го фарбаат како боенка со боица. Стандардот расте, тврди власта, а во општеството се создава посебна арамиска каста. На спомениците лицемерно полагаат венци, во пракса се слават само партиски првенци. Афери на сите страни, народот како да јаде само банани. Големите ги зезаат малите, народот го изедначуваат со будалите. Од минатото стари антички приказни, за иднината само небулозни сказни.

Ова се нашите денешни вести кои можат да бидат прочитани и вчера, но можат да бидат напишани и утре. Се тече, се се менува, само македонската политичка и општествена сцена останува иста. Менталниот склоп на полтронство и неразумноста, комбинирана со историска исфрустрираност, ја намали можноста за здраво расудување, а го зголемија бројот на партискиот жган, бизнис малверзантите и политикантските калкуланти.

Во Македонија со децении ниту се разговара сериозно, ниту отворено за проблемите, туку тие се ставаат под ќилими, се врти погледот на друга страна, за да се одбегне реалноста и вистината, а наместо тоа се пласираат партиски слогани и спинувани приказни. Во Македонија со децении не се гласа за подобриот, туку за помалку лошиот.

Во 2006 година СДСМ беше казнет од народот токму поради својата самобендисаност и суетност, поради немање капацитет и желба да го разбере народот и да не го смета само за гласачка нужност. Не научи дека ветеното треба да го сработи и испорача, дека срамното однесување на партиските самобендисани и залижани фаци и штети на целата партија. И ВМРО-ДПМНЕ пак го потцени народот и неговата граница за толерантност и трпеливост, па неколку негови функционери се обидоа да ја приватизираат државата, да владеат со сила и терор, а не со ум и си ги наполнија своите џебови за идните десет поколенија.

СДСМ токму поради тоа дојде на власт, а еден дел од народот беше подготвен да го заборави багажот кој оваа партија го носи од минатото. И наместо сериозно да се зафати со сето она што беше ветено, а пред се лоцирано како проблем кој мора веднаш да се реши, оваа партија заспа на своите функционерски фотелји и заборави на сите оние кои ја донесоа оваа партија на власт и нивните очекувања. А очекувањата, пред се, беа враќање на заробената држава на нормален пат, создавање на правна држава и ефикасно независно непартиско судство, еднаквост пред законот и неселективна правда, одговорност на сите функционери за кои постојат докази за сторени кривични дела и враќање на украдените пари кои ќе се бележат на бројчаникот кој ќе го постават некаде кај Триумфалната порта.

Триумфалната порта стои, но бројчаникот ниту се постави, ниту има абер од негово поставување. Реформите во судството се сведоа на мега афери од типот „Рекет 1, 2 и 3“, а државата доби независно судство кое е независно единствено од опозицијата и ослободено од умот, логиката и законот. Безидејноста комбинирана со грешни кадровски решенија, зачинети со самобендисаност и „лоповлук“ резултираа со губење на довербата на огромен број, пред се неопределени гласачи, но и бројот на разочараните партиски симпатизери не е за потценување. Погрешниот ПР доведе до тоа секој час изговореното наново да се толкува, објаснува и дообјаснува.

Опозицијата пак се пазари за личните и партиските интереси, продавајќи ги своите пратенички гласови по цена постигната во непосредна спогодба во четири очи. Забораваат и едната и другата политичка партија дека се таму каде што се по волја на гласачите и нивните гласови, се расфрлаат со нивните пари, се возат со автомобилите купени со народни пари, плаќаат во кафеаните со народни пари и од нив земаат плата. Но забораваат дека покрај правата имаат и обврски, а една од основните е отчетноста. Договорите во четири очи, пазарење со законски решенија и правдата зад затворени врати меѓу две партиски групи не е отчетност.

И додека едната и другата партија се борат како пеливани на политичката полјанка наречена Македонија третите мудро молчат, ќаруваат и мешетарат играјќи се со националните интереси на малцинствата секогаш кога тоа ќе им потреба за политички поени. Тие се како партија вечно во власта и незаменливи се, максимално искористувајќи го Бадентер и својот народ над кого кобајаги бдеат заради негово подобро утре, а во суштина ги ползуваат своите лични и партиски интереси.

Патриотизмот го прокламираат и го носат како значка на ревер на сите оние кои многу одамна ги пратиле своите семејства во странство далеку одовде, сите оние кои имаат двојни државјанства и оние кои се збогатиле на сиромаштијата на овој народ.

Исмејани се сите доблести и чесноста, покрадени се сите храмови ресурси, избербатени се сите светли мигови, херои и историјата. Денес сета своја мудрост ја расфрламе на избори, храброста своја на измами, сета слава ја најдовме во партиите, а сите порази ги прогласивме за победи. Изиграни се сите закони прописи, од нечесните и арамиите направивме богаташи, темните души се прогласија за патриоти, а сите ситни, мали и подли станаа суверени. Заборавивме на сето свое светло минато, на сите свои доблести, на правдата и правдината кои и во химната ги пееме, заборавивме на многу нешта, полека заборавајќи се и себеси.

(Звонко Давидовиќ е адвокат)