Младите таленти во фокусот на Моден викенд Скопје – од текстилни метаморфози до урбана елеганција (фото)
Под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“, вчера, четвртиот ден од Fashion Weekend Skopje 31 powered by UniBank и поддржан од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес, го претвори просторот на Diamond of Skopje, CaratOffice во јадро на современата македонска модна сцена, преку прецизно куриран простор каде идеите за одржливост, културна меморија и иновација се преточија во разговор меѓу дизајнот и општеството.

Денот го отворија студентите на Академијата за моден дизајн СКАЛА – Ивана Гијовска, Алија Демиралиески, Јована Спасеновска, Бојана Хаџиева и Ивана Груевска со колекции што зборуваат на јазикот на експериментот, рециклираните материјали и урбаната женственост. Нивните силуети беа искрени, понекогаш сурови, но секогаш со став.

Од таму, вниманието се префрли на студентите од International Fashion Institute “Izet Curi” – Алејна Мамути, Арбеса Абази, Фикрије Мема, Јета Морина, Мартина Андреевска и Назлишах Тхаќи, кои ја претворија пистата во жив дијалог меѓу традицијата на кројот и новата дигитална чувствителност. Тоа беше мода што не се плаши да праша „зошто“ и „што следува понатаму“.

Дешира Кахриманија отвори вечерната програма со колекција што мирисаше на луксуз и топлина. Кадифето и сатенот, нејзините препознатливи материјали, овојпат беа прошарани со детали што фино ги поврзаа гламурот и класиката.ByDeshir е бренд кој говори со мекост, но остава впечаток кој трае.

На оваа вечер, UNIBank создаде своја модна мапа со светла, музика и атмосфера што наликуваше на арт-инсталација за новиот урбан животен стил.Фокусот беше на UniQ пакетот за млади, под мотото „Плаќај лесно, живеј гласно“, идеја што ја отсликува младата генерација како креативна, мобилна и самостојна.

Во паралелната програма, Fashion & Crafts Exhibition ја претстави изложбата „Текстилни метаморфози – од традиција до современост“, проект на проф. проф. д-р Јасмина Пиличкова Ристовска, Петар Новковски и Ана Трајковска.Изложбата ги истражува корените на македонскиот текстил преку редизајн на автентични ткајачки мотиви, претворајќи ги во дигитални силуети – приказ на тоа како традицијата може да биде најмодерната форма на иднината.

Со јасен авторски потпис, A2 Atelier на Анастасија Атанасовска ја презентираше својата најнова колекција, во која архитектонската структура на облеката се сретна со суптилната женственост.Чистите линии, геометриските кроеви и совршениот баланс помеѓу форма и движење создадоа впечаток на модна дисциплина што инспирира.

MINNIMAL ја затвори вечерта со колекција Apollo 11 што ја слави празнината како форма. Во нивниот препознатлив универзум, секој сантиметар ткаенина е контролиран, секоја линија прецизна, секој детал осмислен.

Fashion Weekend Skopje 31 уште еднаш ја потврди својата позиција како најзначајна модна платформа во регионот, место каде што естетиката и свеста одат рака под рака.
И ова издание покажа дека модата не е само прашање на изглед, туку на култура, вредности и визија за иднината.
31-то издание на Fashion Weekend Skopje продолжува денес со програмата ќе ги обедини дебатата „Модна слобода: стоп за срамот и судењето“ во организација на SIEC, ревиите на Ева Таневска, Anu Handmade, Son of Salome и Олгица Ѓоргиева.
Фото: Ѓорѓи Ристоски