Демократскиот сојуз сака помалку пратеници, но и порамноправни услови за малите партии


Демократскиот сојуз ја поддржува идејата за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, како и промена на изборниот модел – Македонија да биде една изборна единица. Но, Демократскиот сојуз се залага за коренити реформи на изборните правила, кои подразбираат и менување на системските предности што ги имаат четирите најголеми партии. Тие, според Демократскиот сојуз, располагаат со 90 отсто од медиумското време во изборната кампања, како и со најмногу средства од буџетот од кој се финансираат и нивните партиски институти.

За менување на овие одредби, Демократскиот сојуз поднесе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на ваквите одредби од Изборниот законик кои ги доведуваат во нерамноправна положба сите други политички партии. Демократскиот сојуз оценува дека е добро тоа што покрај СДСМ, сега и ВМРО-ДПМНЕ се залага за демократизација на изборниот процес, за една изборна единица,како и за намалување на бројот на пратеници.

-Полека се гради консензус околу реформа на изборниот процес во целина и очекуваме тоа да се случи со темелни промени на Изборниот законик, за да се обезбедат рамноправни услови и демократски правила за изборен натпревар на сите политички партии.Бараме за измените на Изборниот законик најитно да се закаже расправа во Парламентот и да се донесат промените, стои во реакцијата на оваа партија.