Деловна извонредност со швајцарски вредности – Основана Швајцарската комора на Северна Македонија (видео)


Денес во Скопје свечено беше промовирана Швајцарската комора на Северна Македонија – СвисЧам МК, како нова платформа за унапредување на економската соработка, инвестициите и деловното вмрежување меѓу Северна Македонија и Швајцарија.
 
Основањето на Комората е резултат на повеќегодишна иницијатива на водечки компании и институционална поддршка од Швајцарската амбасада, со цел создавање стабилна и доверлива деловна заедница заснована на препознатливите швајцарски вредности.
 
Швајцарија и Северна Македонија веќе имаат силни економски врски, но преку оваа Комора создаваме платформа што ќе го претвори постоечкиот интерес во конкретни партнерства и нови можности за раст,“ изјави швајцарскиот амбасадор, Н.Е. Кристоф Зомер, нагласувајќи дека комората ќе придонесе за зајакнување на економското партнерство и долгорочна соработка помеѓу двете земји.
 
Во време на глобални економски трансформации, СвисЧам МК се позиционира како стратешка иницијатива што ги обединува сигурноста, довербата и иновативноста, клучни принципи на современото деловно опкружување. Надоврзувајќи се на постојните економски врски и растечкиот интерес за nearshoring (пренесување на деловни активности во блиски земји), Комората ќе работи на продлабочување на партнерствата и нови инвестициски можности.
 
Претседателката на Комората, гѓа Соња Стефановска, истакна дека вистинската вредност на ова партнерство се темели на јасни принципи: „СвисЧам МК ќе биде мост на доверба меѓу луѓето, бизнисите и институциите, градејќи партнерства засновани на квалитет, прецизност,  интегритет и транспарентност.


 
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, г-дин Зоран Димитровски, во своето обраќање нагласи дека СвисЧам МК ќе овозможи подобра комуникација, размена на информации, поддршка за нови деловни иницијативи и развој на заеднички проекти. „Убеден сум дека преку ваквата институционална рамка ќе се зајакне економската соработка и ќе се поттикне создавање на нови деловни партнерства. Во таа смисла, Владата, а особено Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, и понатаму остануваат целосно посветени на поддршката на иницијативи кои ја зајакнуваат економската дипломатија и ја унапредуваат меѓународната економска соработка. Соработката меѓу јавниот и приватниот сектор е од суштинско значење за создавање стабилна и конкурентна економија и за отворање нови перспективи за нашите компании“.
 
Преку пренос на швајцарската експертиза и примената на добрите деловни практики, Комората ќе функционира како платформа за вмрежување, размена на знаења и поддршка на бизнисите, со цел да придонесе кон одржлив економски развој и зголемена конкурентност на македонската економија.