Дејвид Рубин – нов претседател на американската Академија за филмска уметност


САД- Дејвид Рубин е избран за нов претседател на американската Академија за филмска уметност и наука, која го организира доделувањето на „Оскарите“.

Тој е прв директор за кастинг што ја добил таа одговорност, која досега ја имаше Џон Бејли – директор на фотографија, кој беше претседател на Академијата од август 2017 година.

Во биографијата на Рубин има над 100 наслови, меѓу кои и оскаровскиот „Англиски пациент“, „Луѓе во црно“, „Четири венчавки и погреб“, како и хит-серијата на Ејџ-би-о – „Невини лаги“.

Филмската академија од 2016 се залага за удвојување на бројот на жените и малцинствата во членството.

92-то доделување на Оскари ќе се одржи на 9 февруари 2020 година, што е невообичаено рано и претставува најраниот датум во долгата историја на церемонијата. Веднаш по него, во 2021 година Оскарите ќе се доделуваат на 28 февруари, а наредната година церемонијата ќе се одржи на 27 февруари.

Со оглед на тоа што Олимписките игри се одржуваат за три години, организаторите на Оскари порачаа дека 94-тото издание ќе се одржи на 27 февруари 2022 година. Преместувањето на Оскарите за последните неколку дена од месец февруари би можело да премине во пракса и отсега натаму тие да се одржуваат ексклузивно во тој период. Сите церемонии ќе се одвиваат во недела.

Номинациите за 92-то издание на Оскари ќе бидат објавени на 3 јануари 2020 година, додека гласањето ќе заврши на 4 февруари истата година.

Во последните неколку години гледаноста на Оскарите постојано опаѓа, па Академијата реши да го „расчисти“ ТВ-распоредот на гледачите со тоа што ќе ја оддалечи церемонијата од традиционалниот Супербоул (кој се одржува во средината на февруари) и претстојната Олимпијада (која исто така е закажана за февруари).

Свеченоста ќе биде организирана во театарот „Долби“ во Холивуд, како и обично, а ќе биде пренесувана преку ABC во САД и во преку 225 земји ширум светот.