Дедото и бабата избодени од нивната внука се оперирани и во стабилна состојба
Дваесетишестгодишната внука е приведена и префрлена во Психијатриската болница во Демир Хисар

БИТОЛА – Стабилна е денеска здравствената состојба на бабата и дедото од Битола чија внука со нож ги избоде по телото. Несреќата се случи вчера во Битола во дом на улицата „Солунска“ во центарот на градот.
Од Битолската клиничка болница за „Независен“ потврдуваат дека поради тежината на повредите во пределот на стомакот, дедото е итно операриран синоќа, додека бабата со повреди во пределот на градите е згрижена на одделот за Хирургија.
„Во врска со овој случај, по хоспитализацијата синоќа е оперирано повозрасно машко лице и денеска е во стабилна состојба, додека женското лице е на одделот за Хириргија и се преземаат нови испитувања и анализи. И двајцата се во стабилна соостојба“, потврдуваат од болницата во Битола.
СВР Битола денеска излезе со детали за случајот и наведе дека несреќниот момент се случил вчера после ручек, така што во 13.40 часот полициски службеници од СВР Битола ја лишиле од слобода внуката Е.Т. на возраст од 26 години.
„Според пријавеното, околу 13 часот во семејниот дом, Е.Т (26) со остар предмет им нанела убодни рани на својата баба Н.С. (70) и својот дедо П.С (78). Тие биле пренесени во Клиничка болница Битола за укажување помош, а Е.А. била задржана во полициска станица, по што била спроведена во здравствена установа за понатамошна постапка. Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија денеска од СВР Битола.
Како што е познато, девојката била префрлена во Психијатриската болница во Демир Хисар, каде ќе продолжи да се следи нејзината здравствена состојба.
Од Обвинителството објавија дека се работи на прибирање на сите релевантни докази и податоци во врска со случајот.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на настанот против осомничената ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за кривично дело – обид за убиство. (А.Б.)