Даштевски: ДИК може да функционираме и со шест членови
Државната изборна комисија (ДИК) може да функционира сосема солидно и легитимно и со шест члена, а изборот на седмиот е работа на Собранието во која ние не можеме да се мешаме, изјави денеска претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
„ДИК може да функционира со шест члена, тоа е општо познато, бидејќи е потребно мнозинство од гласовите во ДИК. И според Деловникот можеме да функционираме со шест члена сосема солидно. Секако, би ни било од полза доколку се избере седмиот член и тоа го оставам на надлежните органи, односно на Собранието на Република Македонија, не можеме да се мешаме во тоа“,изјави Даштевски одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето меморандум за соработка со државната новинска агенција МИА.
Прашан дали ДИК се консултирала со претседателот на Собранието Јован Митрески за комплетирање на составот на ДИК со избор на седмиот член, тој повтори дека тие не можат да се мешаат во во тој процес. Даштевски додаде дека тоа е регулирано со Изборниот законик (членовите 27,28 и 29) и оти оставаат Собранието да постапи согласно овие членови.
„Постапката е во тек. Како што реков, би било корисно за нас, меѓутоа не е наша работа да се мешаме и ние да кажуваме таму. Тоа како што знаете сите не функционира на тој начин. Си има закон и според закон треба да се постапува, така што ние нема што да кажуваме. Ако ние се замешаме тоа значи дека ние не постапуваме според законот, бидејќи не е наша работа ние да кажуваме што треба да направат. А од друга страна реков дека би ни било од корист доколку дојде, ако не пак ќе биде спроведено сè што треба на највисоко ниво“,кажа претседателот на ДИК.
Во однос на роковите, Даштевски изјави дека прво треба да се распишат изборите, а потоа ДИК ќе го донесе роковникот.
„И од тој ден почнуваат да течат сите рокови, така што навремено ќе биде информирана јавноста за сите дејствија што треба да се преземат“,рече претседателот на ДИК.
Местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда пред речиси една година, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник на опозицијата со втор најголем број пратеници во Собранието.За член на Државната изборна комисија пријавени се два кандидата – Абдуш Демири, поддржан од опозициските партии на Албанците обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ и Зулфи Адили поддржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа. Поради неизборот на нивниот кандидат, пратениците од „Европскиот сојуз за промени“ почна со бојкот на Собранието, бидејќи сметаат дека тоа место им припаѓа ним. Собранискиот спикер Јован Митревски вели дека проблемот е во читањето на законот бидејќи не може точно да се одреди која партија спаѓа во опозициската гарнитура.
„Беса влегла со коалицијата ’Можеме’, па излегла, па влегла Алтернатива која била во коалиција со Алијанса, па излегла. Јас побарав од нив тие два предлози што се на Комисија за избори и именувања да дојдат до пленум за да ја отвориме дебатата во пленарната сала и да се најде начин да разговараат пратениците, па и политичките партии, за да обезбедиме 80 гласа за еден од кандидатите. Изборот на кандидат за ДИК се врши со двотретинско мнозинство така што тука не може да дојде до ситуација за надгласување дали ќе биде еден кандидат или ќе биде друг. На крај, треба да се седне и да се разговара“,рече Митрески.