Данела го стопираше тендерот за автобуското метро

Стопиран е тендерот за изградба на автобуското метро или Бас рапид транзит (БРТ) кој беше објавен на страната на Европската банка за обнова и развој, пишува СДК.МК.Градоначалничката Данела Арсовска по доаѓањето на функцијата најави дека нема да го продолжи проектот на нејзиниот претходник, а сега тој и официјално е прекинат. Од нејзниот кабинет велат дека постапката е прекината и поради тоа не се пристигнати понуди.
„БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното“, велат од Град Скопје.
Првата претквалификациона фаза на меѓународниот тендер траеше до 14 декември.Поранешното раководство на Градот предводено од градоначалникот Петре Шилегов заедно со експерти на Европската банка за обнова и разбој (ЕБОР) на пректот работеа околу три години. Притоа со средства од ЕБОР во висина од 75.000 евра направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство.Потоа во април годинава беше потпишан договорот со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.
Во јули проектот беше презентиран на јавноста и беше кажано дека возилата ќе се движат по посебната лента која ќе биде во средишните жардинери, а ќе биде одвоена од лентите за сообраќај со зеленило од двете страни. Станиците ќе бидат од затворен тип, што значи наплатата ќе се врши во нив по принципот на метро станиците, а не во автобусите. Со тоа, пократко ќе биде задржувањето на патниците и ќе се овозможи поголема брзина на возилата. Од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе се стасува за 30 минути.