Данела Арсовска прашува: Каде е обвинението против Ганиу за дивоградбите и фалсификатите во Чаир?


Висар Ганиу и Данела Арсовска

Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, побара јавно информација до каде е предметот против Висар Ганиу околу дивоградбите за кои таа доставила обемна документација во Јавното обвинителство. Според неа, Ганиу легализирал објекти врз основа на фалсификувани документи на кои биле наведени лажни потврди и дозволи, со непостоечки броеви во архивата на Град Скопје. Иако од нејзината пријава поминала една година, според Арсовска, се уште не се знае дали е отворен случај за Ганиу или не.  

„Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, барам да ми бидат доставени информации во врска со постапувањето на Јавното обвинителство по документацијата доставена од страна на Град Скопје по ваше барање и која е примена во Јавното обвинителство на 31.5.2025 година.

Имено, на 31.5.2025 година повикувајќи се на вашето јавно барање Град Скопје да достави релевантна документација до Јавното обвинителство , доставени се документи кои се однесуваат на незаконска легализација на бесправни објекти во Општина Чаир и наводи за користење на фалсификувани службени исправи за упис на дивоградби во Агенцијата за катастар на недвижнини под УП. 09-1687/20 од 18.11.2024 и УП. 09-1687/21 од 18.11.2024 година на општина Чаир.

Доставените документи се однесуваат на предметите на општина Чаир со УП. 09-1687/20 од 18.11.2024 и УП. 09-1687/21 од 18.11.2024 година, меѓу кои фалсификувани Решенија за утврдување на правен статус на бесправен објект, урбанистички согласности, геодетски елаборати. Доставени се и потврди за запишување на промени во Катастарот на недвижности, документација за бришење на уписи во Катастарот, како и потврди за прием на пријави и потврди за бришење. Документацијата доставена укажува дека во постапката се користени документи кои не постојат во евиденцијата на Град Скопје и кои се фалсификувани.

Во истиот допис е наведено дека:

-Градоначалникот на Општина Чаир донел Решение УП.09-1687/20 од 18.11.2024 година и Решение УП.09-1687/21 од 18.11.2024 година.

-Во образложенијата на решенијата биле наведени Заклучок за плаќање на надоместок и Потврда за платен надоместок од Град Скопје со конкретни броеви и датуми кои се непостоечки односно градоначалникот на Чаир ги ФАЛСИФИКУВАЛ со цел упис во катастар.

-Во Град Скопје, такви документи никогаш не биле издадени и не постојат во службената евиденција на Градот.

-За двата предмети од страна на Град Скопје биле изготвени службени белешки за документацијата која не била законска, за нејзино враќање на општина Чаир и НЕ бил донесен заклучок за утврдување надоместок ниту била издадена потврда за платен надоместок од страна на Град Скопје.

-Фатен во КРИМИНАЛ по јавните објави на 27.5.2025 година, Висар Ганиу уште истиот ден поднел барање до Катастарот, а од таму му извршиле бришење на предметите на 28.05.2025 година по неговото барање поднесено на 27.05.2025 година, што ниту го брише ниту го олеснува стореното КРИВИЧНО ДЕЛО.

Имајќи предвид дека од доставувањето на наведената документација на 31.5.2025 година до денес е поминато повеќе од 1 (една) година, барам да ми бидат доставени следните информации:

1.Дали по документацијата доставена од Град Скопје и примена на 31.5.2025 година е оформен предмет во Јавното обвинителство, кој е бројот на предметот и кога истиот е оформен, кој јавен обвинител при ОЈО е надлежен за постапување и во која фаза се наоѓа постапката во моментот на одговорот на ова барање?

2.Дали по наводите за употреба на фалсификувани службени исправи, легализација на бесправни објекти врз основа на фалсификувани документи односно документи кои не постојат во службената евиденција и спроведување на решенија засновани на наводно неверодостојни исправи се преземени дејствија од страна на Јавното обвинителство?

3.Дали се побарани и обезбедени оригиналните списи од Општина Чаир и Агенцијата за катастар на недвижности?

4.Дали се извршени разговори, распити или прибирање известувања од службени лица поврзани со наведените предмети?

5.Дали е донесена јавнообвинителска одлука по предметот и доколку е донесена каков вид на одлука е донесена, кога е донесена, дали е поведена истражна постапка и дали е поднесен обвинителен акт?

6.Доколку предметот сè уште е активен, кои дејствија се преземени во периодот од 31.5.2025 година до денот на одговорот на ова барање и каков е исходот од постапувањето по службена должност на Јавното обвинителство врз основа на содржината на доставените докази и приложените документи од 31.05.2025 година? 

7.Барам да бидам информирана дали обвинителството при оценката на предметот го земало предвид ризикот што произлегува од долготрајното непостапување, односно можноста со текот на времето да се влијае врз сведоци, да се отежни обезбедувањето на докази, да се намали нивната доказна вредност или на друг начин да се попречи ефикасното водење на постапката, како и дали во таа насока биле преземени соодветни мерки за заштита на јавниот интерес и законитоста?

Постои основан јавен интерес да се добие објаснување дали пролонгирано постапување и одолговлекување во овој случај се должи на објективни процесни причини или постојат други околности што влијаат врз динамиката на постапката, со цел да се отстранат сите сомнежи за евентуален нееднаков третман, селективност или несоодветни влијанија врз процесот на одлучување, бидејќи времетраењето на постапувањето отстапува од постапување во други предмети со слична правна и фактичка основа, во кои јавнообвинителските одлуки се донесуваат во значително пократки рокови“, стои во реакцијата на екс градоначалничката Данела Арсовска.