Дамјан Манчевски се повлекува од политиката


Поранешниот министер за информатичко општество и администрација и пратеник од СДСМ Дамјан Манчевски денеска на својот Фејсбук профил објави дека донел одлука да се повлече од политиката и да се посвети на својата професија.
„Дозволете да ве информирам дека донесов одлука да се повлечам од политиката и да се посветам повторно на мојата професија. Причината за тоа е дека прифатив ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со каков било политички ангажман. Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлеков од сите јавни функции кои ги извршував, поднесов оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ“, напиша Манчевски.
Тој потсети дека професионално влегол во политиката во 2015 година или, како што вели, кога беше најтешко.
„Срушивме режим на мирен начин, земјата е членка на НАТО, отворен ни е патот кон членство во ЕУ, ја вративме слободата и демократијата, платите растат… Не беше лесно. Многу преживеавме заедно. Но, денес Северна Македонија е на вистинскиот пат и следат уште подобри времиња. Одлучувам да ја напуштам политиката кога можеби најмалку се очекуваше. После победа и нов мандат. Сепак, решив да се вратам на професијата и во приватниот сектор. Влегувам во нова борба. Време е за нови предизвици“, напиша Манчевски на Фејсбук.
Оваа негова одлука, како што наведе, нема никаква врска со која било состојба во политиката.
„Таа е лична и само моја. Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор. Оваа одлука во исто време е и многу емотивна за мене“, напиша Манчевски.
Тој изрази благодарност до неговите сопартијци, другари и сите со кои работел заедно, кои, како што вели, ќе ми обезбедат да имам нормална работа во нормална држава. Изрази благодарност и до претставниците на граѓанскиот сектор, медиумите, меѓународната заедница, синдикатите и стопанските комори.
Манчевски во својата објава на Фејсбук изразува голема благодарност и до премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев и до вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.