Зоран Доревски ќе промовира книга за атентатот на Киро Глигоров


Во пресрет на 31 годишнината од атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров в сабота ќе биде промовирана уште една книга чија цел е тој трагичен настан да не падне во заборав и да се даде нова светлина на околностите кои доведоа до него. Станува збор за анализата на Зоран Доревски, во време на атентатот  главен инспектор во Управата за обезбедување одредени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи со наслов „Скопскиот атентат“. 

Според рецензијата, книгата „Скопскиот атентат“ се заснова на систематизирани сознанија, податоци и факти што овозможуваат убедлива реконструкција на околностите, актерите и последиците од еден од најзначајните безбедносни настани во современата македонска историја.

„Доревски, во најдоброто светло на писателите на трилери, се обидува — и во тоа успева — од обидот за убиство на македонскиот претседател  да создаде своевиден документ за тој настан, детално анализирајќи сè: од геополитиката и тајните служби, па сè до последниот форензички детаљ, додавајќи му на сето тоа добра доза детективски наратив “, стои во рецензијата на книгата.

Ова е петта книга за атентатот на претседателот Киро Глигоров. Во првата се укажуваше на некои можни извршители, а втората беше лична проценка на претседателот за крвавиот настан. Има ли нов момент во вашата книга?

-Да, мислам дека суштинската новина на оваа книга е во пристапот кон атентатот. Не се обидувам повторно да ја раскажам приказната за 3 октомври 1995 година, ниту да понудам уште една лична или политичка интерпретација на настанот. Обидот е атентатот да се анализира како криминолошки и безбедносен феномен, но и во поширокиот политички и геополитички контекст во кој се случил.

Во книгата применувам интегрален модел кој не се задржува само на прашања од типот „кој го активирал експлозивот?“, кој е купецот на возилото, кој еорганизатор, кој имал мотив? Туку нуди и одговори : кој имал капацитет, кој можел да ја обезбеди оперативната инфраструктура, кој можел да ја координира операцијата и кој имал капацитет за прикривање по атентатот?

Токму тука ја гледам разликата. Наместо да се бара само непосредниот извршител, се анализира целата можна организациска структура зад еден претседателски атентат. Книгата, се разбира, не претендира да ја замени судската вистина. Таа се обидува, врз основа на достапните факти, документи, сведоштва, индиции и компаративни сознанија, да ја реконструира логиката на настанот и да покаже каде се наоѓаат одговорите, а каде сè уште постојат празнини.

Би додал само, в0контекст на вашето прашања, за атентатот на Глигоров и jавниот обвинител Ставре Џиков има напишано две книги во кои тој ги изложува неговите видувања за ова политичко злосторство.

Од оваа дистанца зошто се покажа толку тешко да се открие кој стои зад атентатот? Имаше ли сериозна истрага изминативе години или не?

-Тешко е да се даде едноставен одговор. Ако зад нападот стои поширока и добро организирана структура, тогаш откривањето на оној што го извршил нападот не мора автоматски да доведе и до откривање на оној што ја планирал или наредил операцијата.

Дали истрагата била доволно сериозна е прашање за кое одговорноста треба да ја носат институциите што ја воделе истрагата бидејќи за жал резултатот го знаеме. Јас како автор не би сакал да давам паушална оценка. Она што можам да го кажам е дека резултатот е неспорен: по 31 година немаме правосилно утврден организатор и нарачател на атентатот. И токму тоа е причината зошто случајот и денес заслужува научна и криминолошка анализа.

Во книгата атентатот го анализирате во поширок геополитички контекст.  Според информациите што ги имате,  дали мотивацијата беше од внатре, од земјата, или се работеше за странски интерес да го снема Глигоров?

-Тука би бил многу внимателен. Книгата не е напишана за да донесе однапред поставен заклучок дека атентатот бил „внатрешен“ или „надворешен“. Мојот пристап ги испитува и анализира и двете можности, но и нивната можна поврзаност. Кај сложените политички атентати границата меѓу внатрешниот и надворешниот фактор не секогаш е јасно определена. Тука (како само неколку други познати атентати во историјата) анализирана е можноста мотивот да биде едниот фактор, оперативниот капацитет другиот, а извршувањето да биде реализирано преку трета структура.

Затоа во книгата не го третирам само прашањето „кому му пречел Глигоров?“, туку и „кој имал интерес, кој имал оперативен потенцијал и кој можел да ја реализира извршната акција?“
Геополитичкиот контекст е важен затоа што атентатот се случува во исклучително чувствителен период: распадот на Југославија, војните во регионот, создавањето на независна Македонија, меѓународното позиционирање на новата држава и активноста на различни политички и безбедносни структури. Но, контекстот сам по себе не е доказ. Затоа јас ги разграничувам фактите, индициите и аналитичките хипотези. Тоа е една од најважните методолошки определби на книгата.

Дали успеаја извршителите да го уплашат екс претседателот  и дали тој настан влијаеше на начинот на кој ја водеше државата потоа? Ја постигнаа ли целта?

-Атентатите ги делиме на планирани, подготвувани и извршени. Извршените на успешни и неуспешни. Ако под „целта“ мислиме на физичка ликвидација на претседателот, очигледно е дека таа не била постигната. Киро Глигоров го преживеа атентатот. Но кај еден политички атентат физичката ликвидација може да биде само непосредната цел. Ако зад неа постои поширока политичка цел, тогаш прашањето станува многу посложено: што требало да се промени со неговото отстранување?

Дали атентатот влијаел врз неговото однесување и начинот на водење на државата е прашање кое бара внимателна анализа и на неговите потези пред и по 3 октомври 1995 година. Не би сакал психолошки да го толкувам неговото однесување. Може да се анализираат неговите одлуки, политичките позиции и институционалните потези, но конечниот заклучок треба да се темели на документи и сведоштва.

Она што е несомнено е дека по атентатот Македонија продолжи да се движи низ исклучително сложен политички и безбедносен период. Затоа прашањето не е само дали атентаторите успеале да го убијат Глигоров, туку дали со самиот атентат успеале да произведат поширок политички ефект.

Кој беше вашиот мотив да се навратите на атентатот освен фактот дека еве одбележуваме 31 година од него, а нема ни видливи обиди да се разјасни што се случи тоа утро и колку тоа го смени политичкиот правец на државата која е покриминализирана од тогаш?

-Мојот мотив секако не е годишнината. Триесет и една година се доволно долг период за едно општество да постави едно многу едноставно прашање: што навистина знаеме за атентатот на претседателот на државата?

Како човек кој професионално се занимавал со криминалистика и безбедност, за мене овој случај е особено значаен затоа што претставува своевиден криминалистички парадокс: имаме настан со огромно политичко и безбедносно значење, имаме жртва – шеф на држава, имаме конкретно место, време и начин на извршување, а немаме конечен одговор кој ја организирал операцијата. Затоа сакав да направам нешто што можеби е непријатно, но е неопходно за секоја сериозна анализа: повторно да ги поставам прашањата и овој пат да понудам определени одговори кои ќе се темелат на издржани анализи засновани на податоци, факти и индиции.

Каде бевте вие кога се случи атентатот и какво беше вашето лично сведоштво тој ден?

-На 3 октомври 1995 година бев на должност како главен инспектор во Управата за обезбедување одредени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи. Тој ден, сепак, започна на едно сосема друго место – на градските гробишта Бутел, каде со семејството одбележувавме седумдневен помен за мојот покоен родител. Веста за атентатот ја слушнав на радио-станицата која беше составен дел на мојата гардероба. Веднаш тргнав кон Клиничкиот центар и се вклучив во организацијата на системот за обезбедување на болницата и Ургентниот центар, каде што беше донесен претседателот Киро Глигоров. Од тој момент, Скопскиот атентат стана дел и од моето професионално искуство. Подоцна, низ годините, следејќи ги информациите, документите и новите сознанија, постојано се навраќав на тој настан и на прашањето што навистина се случи на 3 октомври 1995 година.

Токму затоа во книгата го разграничувам личното искуство, професионалното знаење, документите, сведоштвата, индициите и авторската анализа. Секој од овие извори има своја тежина и свои граници. Само нивното внимателно соочување и поврзување може да нè приближи до вистината за Скопскиот атентат. (С.Ј.)