Дамева поднесе оставка од местото претседателка на Судскиот совет по притисокот на Мицкоски
На собраниската седница за пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски рече дека Дамева сакала незаконски да си го продолжи мандатот
Под притисок на власта, на претседателот на Владата и владејачката гарнитура, кои од собраниска говорница, преку партиски соопштенија изнесуваа обвинувања кон претседателката на Судскиот совет и судиите, Весна Дамева во јавно обраќање поднесе оставка на функцијата.
На оваа одлука се одлучила за да го заштити својот углед, но и своите најблиски од фамилијата.
„Да се заштитам и себеси и семејството“, рече Дамева.
„Се бараше начин да бидам оцрнета“, додаде таа.
Дамева рече дека ќе остане во Судскиот совет за да види до каде ќе оди Милошоски, неговата партија и другите политичари. Дамева рече дека ќе издржи, освен, како што додаде, ако удрат по безбедноста на ќерка ѝ, сопругот и семејството.
„Имуна сум на вашите ставови, закани и намери. Но, ако имате намера нешто да сторите, сторете го по законски пат и со докази. Јавно го повикувам Мицкоски да ги достави до јавното обвинителство доказите за наводно фалсификување на записници. Во спротивно, треба да се извини“, рече Дамева.
Дамева го впери прстот во премиерот Христијан Мицкоски.
„Во неколку наврати, тој и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет. Сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или членови на Советот не ја извршуваме функцијата професионално и стручно. Бевме посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Во телевизиско гостување истакна и дека на нашето место треба да дојдат нивни луѓе – претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владејачката политичка партија. Тоа е поразително за една демократска држава“, кажа Дамева.
„Најтешко ми падна што нарачани текстови минатиот период се споделуваа по портали. Ме оцрнуваа, ја вмешаа фирмата на сопругот. Манипулации од луѓе, кои се нелуѓе. Но, правдата се докажува во судница, не по портали“, рече Дамева.
„Нема слух за подобрување на состојбата во судството и истото е опструирано од власта, и на разно-разни начини, претседателот на владата и политичарите од владеачката гарнитура, од собраниска говорница или преку прес-службата изразуваат негативен став спрема Судскиот совет, спрема членови на Советот. Но најпоразително од сѐ е што изразуваат негативен став кон судиите, од кои поголемиот број навистина не го заслужуваат тоа. Затоа сметам дека единствено што ми останува е да го заштитам мојот личен интегритет и мирот и спокојството, и мое и на моето семејство, поради што поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Судскиот Совет на РС Македонија“, истакна Дамева во своето обраќање.
Состојбата трае од промената на власт и е интензивирана последните неколку месеци, оценува таа. Сериозна е состојбата кога премиер вели дека на нивно место ќе постави „свои“ луѓе.
„Претседателот на Владата Христијан Мицкоски од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некакви кланови и се фалсификуваат записници од седници. Пратеникот Антонио Милошоски се закани со кривична пријава. Овој политичар од власта се закани кон носител на функција од судската власт“, реагираше Дамева.
„Воедно, во неколку наврати, тој како и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот Совет, нивна поврзаност со одредени политичари од претходната власт и сето тоа, во насока да се претстави во јавноста дека јас или пак членови на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно, а Судскиот совет заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела треба да бидат распуштени“, вели Дамева.
Минатата недела, првин Милошоски на социјалните мрежи напиша дека Дамева треба итно да си оди во декември кога нормално би ѝ истекол мандатот, ако не беше насилно разрешена минатата година, и оти тие 8 месеци не треба да ги доработи на функцијата претседателка на Судскиот совет. Потоа, и премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница рече дека Дамева сакала незаконски да си го продолжи мандатот.