Дали Весна Дамева имала судир на интереси во Судскиот совет?


Весна Дамева

 

Разрешената претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, можеби била вмешана во конфликт на интереси додека ја вршеше таа функција. Порталот „Рацин“ пишува дека Дамева како претседателка учествувала во постапки во надлеженост на Судскиот совет во кои се оценува или одлучува за судии, претседатели на судови, иако тие судии или претседатели на судови воделе предмети во кои инволвирано лице како тужен или тужител, бил нејзиниот сопруг Младен Дамев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Скопски пазар“ кој се јавува како оштетен и како тужител во неколку предмети.

Со ова, наводно, Весна Дамева постапила спротивно на член 33 од Законот за Судски совет, според кој била должна „веднаш да престане со својата работа во постапките од надлежност на Советот во моментот на осознавање за постоење на причини што ги опфаќа овој член и за тоа да го извести Советот“, кој доколку утврди постоење на околности кои може да предизвикаат сомневање во непристрасност на член на Судскиот Совет, е должен веднаш за тоа да го извести Советот, кој ќе донесе соодветна одлука. Но Дамева не го направила тоа.

Во првото известување до Судскиот совет, Весна Дамева се повикува на својата законска обврска да биде изземена како членка на Комисијата за рангирање во постапките за евалуација на судии од Кривичен, Граѓански и Апелациски суд кои водат судски предмети во кои нејзиниот сопруг кој како претседател на УО и генерален директор на „Скопски Пазар“, се јавува како тужител и како оштетен.

Со вториот допис Дамева известува дека таа била членка на Комисијата на известители по барање за утврдување одговорност за предмети во кои нејзиниот сопруг Младен Дамев бил оштетен во предмет на Кривичниот суд за кој е донесена пресуда уште на 26.02.2021 година, на што ја потсетил токму најзиниот сопруг и тоа на 22.05.2023 година.

Со ова второ известување Дамева бара да биде изземена од постапки во кои се одлучува за рангирање на судии, а за кои е потврдено дека одлучувале по предмети во кои Младен Дамев, нејзинот сопруг, се јавува како тужител или оштетен.