Дали пука кохезијата во ЕУ околу Украина?

Германија е на чело на земјите која не сака да запре извозот на руската нафта кон ЕУ


Емануел Макрон ги собра европските лидери во Версај (Фото: ДПА)

 

Добри две недели по почетокот на руската инвазија на Украина, Европската унија се соочува со прашањето: колку долго можеме да издржиме заедно кога последиците стануваат сè потешки и за нас.

На првиот ден од нивниот самит во Версај, Франција, канцеларот Олаф Шолц и другите шефови на држави и влади на ЕУ дебатираа околу осум часа како да се продолжи. Земјите како Латвија јасно ставија до знаење дека повеќе не го сметаат за прифатливо одбивањето на Германија да го запре увозот на руска енергија. Различни се мислењата и за тоа како да се справи со апликацијата на Украина за брз пристап во ЕУ. И овде канцеларот Олаф Шолц беше на страната на оние кои ставија кочница. Други, како Словенија, сакаат да го промовираат пристапувањето.

Шолц е под притисок главно поради неговото одбивање да го запре увозот на нафта, гас и јаглен од Русија. Летонскиот премиер Крисјанис Каринс вели: „Убеден сум дека треба да донесеме одлука да го запреме увозот на енергија од Русија за да го доведеме (рускиот претседател Владимир) Путин на преговарачка маса и да ставиме крај на војната“. Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, ја истакна потребата да се испрати јасна порака и да се ограничи рускиот извоз, и двајцата усогласувајќи се со земјите како Полска и Литванија, кои веќе се изјаснија за таков чекор. Земјите како Германија, Австрија и Унгарија значително покриваат дел од нивните енергетски потреби со испораки од Русија,

Шолц вели дека кога станува збор за санкции, многу внимателно треба да се размислува како можете да ја убедите руската влада да стави крај на војната. Во исто време, важно е да се осигура дека ефектите во Европа се што е можно помали. „Треба да продолжиме да го следиме овој курс“. Шолц добива поддршка од австрискиот канцелар Карл Нехамер. Во соопштението на самитот објавено во петокот наутро, поопшто беше наведено дека ЕУ е подготвена брзо да се дејствува со дополнителни санкции.

Очигледни се и тензиите околу прашањето како да се справи со желбата на Украина за брз пристап во ЕУ. Холандија јасно го отфрла ова, а премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел вели дека не е љубител на правилата, но дека има услови за пристапување во ЕУ. Слична изјава дава и канцеларот Шолц. Словенечкиот премиер Јанез Јанша објаснува дека мислењата за ова се поделени. Мнозинството гледа дека Украина е во војна и луѓето се борат за живот, други сѐ уште дебатираат за процедурата. Во финалната декларација не се преземени никакви обврски кон Украина. Наместо тоа, само вели дека Украина припаѓа на европското семејство.