Дали имате роднини во Дубаи? Властите им нудат 750 евра ако ве поканат да ги посетите


 

Властите во Дубаи започнаа нова иницијатива со која нудат парични награди и поволности за жителите кои ќе ги убедат своите пријатели и семејство да дојдат да ги посетат, во обид да го оживеат туристичкиот сектор кој е силно погоден од ескалацијата на регионалниот конфликт.
Програмата наречена „Dubai Invite“, започната од Министерството за економија и туризам, им овозможува на жителите на Обединетите Арапски Емирати да номинираат роднини и пријатели од странство.

Доколку ја посетат земјата, домаќините добиваат поволности во вредност од повеќе од 3.000 дирхами (околу 750 евра).

Според информациите од официјалната веб-страница на Visit Dubai, наградниот пакет вклучува попусти и бесплатни поволности за сместување во хотел, оброци во ресторани и билети за водечките атракции во градот.

Секој жител на ОАЕ има право на максимум три пакети со поволности за посетители кои пристигнуваат до 31 октомври, додека освоените ваучери можат да се искористат до крајот на декември. Посетителите мора да бидат странски државјани со важечка туристичка виза.

Локалните медиуми известуваат дека иницијативата наишла на огромен одѕив и дека во првите 48 часа биле регистрирани повеќе од 10.000 апликации.

Овој потег доаѓа во време кога туристичкиот и угостителскиот сектор се соочуваат со огромен пад на приходите и масовно празни капацитети. Поради безбедносната ситуација и ракетните напади што претходно го погодија регионот, вклучувајќи ја и штетата на добро познатите објекти како што се хотелот Фермонт и меѓународниот аеродром во Дубаи, имиџот на Емирати како целосно безбедна дестинација е нарушен.

Бројот на авиокомпании што летаат до Дубаи е преполовен бидејќи многу рути над Блискиот Исток се откажани или пренасочени, додека некои компании пријавуваат пад на приходите за повеќе од 50 проценти.

Некои од најпознатите луксузни хотели привремено ги затворија своите врати или ја искористија ситуацијата за реновирања. Други хотели, во соработка со државната програма, се обидуваат да привлечат гости со попусти до 45 проценти и бесплатни ноќевања.