Дали Илон Маск станува клучна личност во носењето на американскиот буџет?


На патот кон постигнување двопартиски договор за финансирање на американските федерални институции, се случи ситуација, чиј еден од главните актери е мултимилијардерот Илон Маск.
Како што објави Би-би-си, републиканците, во чии редови е и новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој е поддржан од Маск, го отфрлија предложениот двопартиски договор и тоа го направија под влијание на Маск.

Имено, претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, исто така републиканец, претходно постигна договор со Демократската партија, кој се однесуваше на привремено финансирање на федералните институции до средината на март следната година.

Сепак, Маск јавно го омаловажи договорот, по што почна да се зголемува бројот на републиканците кои се против договорот. А Трамп изјави дека е против предложениот договор, оценувајќи дека е расипнички.

За некои ова е потврда дека во наредните години во САД под власта на Републиканската партија може да се очекува хаос и непредвидливост, дека Републиканската партија е целосно под влијание на најбогатиот човек во светот и дека ова е уште една на неговите триумфи.

Но, не сите републикански конгресмени се среќни поради влијанието на Маск. Незадоволните дури и се пошегуваа со него, пишува Би-би-си.