Дали „Гугл“ ќе се подели на неколку компании?


Откако окружниот суд во американскиот федерален главен град Вашингтон во август пресуди дека технолошкиот гигант „Гугл“(Google) има нелегален монопол во онлајн пребарувањето, американското Министерство за правда во вторникот објави дека ќе бара од компанијата да направи фундаментални промени во начинот на кој тоа го прави бизнис. Исто така, ќе размисли да му нареди на „Гугл“ да ја подели компанијата.

Претставници на американската администрација напишаа во судските документи дека меѓу структурните промени кои би можеле да се бараат од „Гугл“ е прекин на оперативниот систем Андроид за паметни телефони или прелистувачот Хром, пренесува германската новинска агенција Дпа.

Министерството за правда, исто така, може да бара да му забрани на „Гугл“ да склучува договори со кои на технолошкиот гигант „Епл“  му плаќаат десетици милијарди долари секоја година за да ги фаворизира своите производи за пребарување.

Исто така, на маса е барањето „Гугл“ да ги стави своите податоци за пребарување достапни на конкурентите.

Доколку властите наметнат фундаментални промени во работењето на „Гугл“ или дури ја поделат компанијата, тоа би значело значителен пресврт во односот на американските регулатори кон технолошките компании. Откако не успеаја да го урнат гигантот „Мајкрософт“ пред две децении, во голема мера ги оставија технолошките компании сами.

Од „Гугл“ веруваат дека идејата за такви промени е радикална.

Покрај тоа, технолошкиот гигант поднесе жалба на пресудата од август. Компанијата тогаш објави дека одлуката на судот го потврдува нивниот статус на најдобар пребарувач. Тие се убедени дека властите сакаат да спречат пребарувачот да биде достапен за сите.

Но, пресудата може да влијае на судските одлуки во областа на онлајн рекламирањето, каде што големите технолошки компании, исто така, долго време беа цел на критики за наводни контроверзни практики.