Дали Еди Рама навистина го прогласи Отворен Балкан за завршен?

Албанскиот премиер на крајот на декември 2023 рече дека не го прогласил Отворен Балкан за затворен, затоа што тоа не може да го направи ниту еден човек, ниту една страна


 

Изборната битка меѓу политичките ривали во албанскиот блок како една од целта ја има и иницијативата Отворен Балкан. Опозицијата преку Арбен Таравари подолго време бара Македонија да излезе од Отворен Балкан, а денеска, да не остане покус, на тоа се приклучи и Бујар Османи. И двете страни тврдат дека поттик за тоа имаат од изјавата на албанскиот премиер Еди Рама од јули 2023 дека тој ја „исполнил својата мисија“ и дека трите земји треба повеќе да се ориентираат на Берлинскиот процес.

Но, на претпоследниот ден од ланската година, на 30 декември 2023, Рама изјави дека никогаш не ја прогласил иницијативата Отворен Балкан за затворена, нагласувајќи дека неговите претходни изјави биле погрешно разбрани.

Зборувајќи на конференција во Тирана, Рама рече дека „денес дознавам дека го затворив Отворен Балкан, но не ми се чини дека нешто сум затворил, дури и објаснив дека Отворен Балкан не е отворен и не е заклучен со клуч од една личност или една страна“.

Тој беше прашан од новинарите за неговата изјава во јули. Одговарајќи на прашањето, Рама рече: „Никогаш не сум рекол дека сум го затворил Отворениот Балкан, тоа е смешен израз. Јас кажав нешто сосема друго што е кажано во одреден контекст и кажав дека ја исполни својата мисија во тој контекст, но дека самата иницијатива е иницијатива која е како другите иницијативи и која не се отвора или затвора од мене“.

Иницијативата Отворен Балкан, која првично беше наречена Мини Шенген, беше востановена на 10 октомври 2019 година во Нови Сад, а беше потпишана од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и тогашниот премиер на Македонија, Зоран Заев.

На иницијативата се спротивстави опозицијата во Албанија, а беше отфрлена од Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Во нејзините рамки се постигнати повеќе договори како за економска соработка и слободно движење.

Во врска со предупредувањето на Рама за неговото згаснување, српскиот претседател Александар Вучиќ тогаш рече дека „не може да верува дека тој [Рама] рекол такво нешто“.