Дали добрите вести од ММФ ќе продолжат и со заемите од Светска банка и од банките
Македонија доби добри вести од Меѓународниот монетарен фонд – наместо 87 милион и евра, колку што владините претставници рекоа дека ќе побараат, од оваа меѓународна финансиска институција најавија дека се подготвени да одобрат двојно повеќе, односно 175 милиони евра.
Износот што го најави ММФ всушност е колку целата квота која што Македонија ја има во фондот, објаснуваат познавачите. Таа е дел од пакетот од 1.000 милијарди евра што го најави ММФ како поддршка за светската економија за време на пандемијата со корона вирусот. Над 90 земји од светот веќе побараа помош од ММФ, рече деновиве директорката нан ММФ, Кристалина Георгиева, за време на заедничката прес-конференција со првиот човек на Светската здравствена органиција Тедрос Аданом Гебрејесус.
Интересно е што веста за сумата што ја најави ММФ прво беше објавена во соопштение од владината седница во петокот вечерта, а потоа во корекција на соопштението, таквиот износ воопшто не беше спомнат.
„Владата денес ја разгледа и ја усвои Информацијата според која Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) позитивно одговори на барањето на нашата земја да ѝ биде одобрен Инструментот за брзо финансирање во висина од 175,2 милиони евра како помош за финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на Ковид-19. Во таа насока, Владата го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Народната банка да испрати писмо за намери до ММФ за реализација на овој аранжман“, стои во ова соопштение.
Набрзо потоа од Владата објавија корекција на соопштението, при што во делот во кој се зборува за задолжувањето од ММФ, беше изоставен износот.
„Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од испраќање Писмо за намери до Меѓународниот монетарен фонд за користење на финансиска поддршка од Инструментот за брзо финансирање (Rapid Financing Instrument), после првичниот позитивен одговор од страна на ММФ за можностите кои и се нудат на нашата земја за искористување на овој Инструмент за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на Ковид-19“, стои во соопштението.
Дали во писмото што ќе се упати до ММФ ќе се побара целиот овој износ или пак, ќе се остави нешто „за недај боже“? За сега нема објаснување од официјалните владини претставници.
Претходно, во неколку наврати тие соопштија дека покрај ММФ, Македонија бара финансиска поддршка и од Светска банка, од каде што се очекуваат околу 100 до 120 милиони евра, како и околу 400 милиони евра од комерцијалните кредитори, преку таканаречениот кредит за премостување (bridge to bond), до издавање на еврообврзницата предвидена за крајот на оваа година. ЕУ исто така и додели на Македонија првична помош од околу 65 милиони евра за справување со кризата.
Се, на се беше најавено задолжување од околу 600 милиони евра, од што практично нови се околу 200 милиони евра, бидејќи еврообврзницата и онака беше во план и со неа треба да се покрие планираниот буџетски дефицит за оваа година и отплатата на кредитите кон странските кредитори кои доспеваат, а кои се резултат на задолжувањата што се правеа во минатото.
Околу 200 милиони евра е отприлика и вредноста на економските мерки што ги донесе Владата како помош за компаниите и работниците погодени од корона кризата, а кои меѓу другото предвидуваат исплата на минималната плата за април и мај за околу 250 илјади вработени и 30 илјади компании, исто толкав износ за плати за самостојните професии, односно занаетчиите, слободните уметници…, бескаматни кредити за одредени дејности преку Развојната банка и тн.
Дали сигналот што го доби Македонија од ММФ за износот на финансиската поддршка преку Инструментот за брзо финансирање е добар знак дека и кредитите што ќе се добијат од комерцијалните банки ќе бидат со поволна каматна стапка?
Тоа, изгледа, е голема непознаница во моментов. Според пишувањето на повеќе светски медиуми на пазарот на задолжување се зголемува притисокот.
„Централните банки ширум светот ги намалија своите каматни стапки на приближно нула во обид да ја стимулираат економијата и што е можно поедноставно да се позајмуваат, трошат и инвестираат парите. Но, на финансиските пазари се случуваат чудни работи – стапките не се намалуваат онолку колку што би требало, а во некои случаи, тие всушност се зголемуваат“, предупредуваат аналитичарите.
Банкарите, во нивен манир, велат дека кога економските перспективи беа појасни, банките беа среќни да ги намалат стапките што е можно повеќе. Нивната логика е во стилот: „Подобро да заработиме малку повеќе, затоа што може да имаме поголеми трошоци, отколку што сме навикнати“.
Аналитичарите велат дека влијанието, засега, не е драматично, но премијата за ризик, сепак е поголема во однос на вообичаената. Но, некои од нив не зборуваат дипломатски. „Таквите објаснувања едноставно се ѓубре. Тоа се прави само заради профит”, велат тие.
Како ќе помине Македонија на меѓународниот финансиски пазар, ќе се дознае наскоро. Пред околу две недели, министерката за финансии Нина Ангеловска беше оптимист.
„Овој заем како што и самото име имплицира заем-до-еврообврзница ќе биде целосно отплатен со средства кога ќе се издаде еврообврзницата. Станува збор за заем од странски банки под поволни услови. Очекуваме поволна каматна стапка за овој инструмент, дури и пониска од претходно издадената еврообврзница од 2018, која имаше историски најниска каматна стапка од 2,75 проценти“, рече Ангеловска.
Кај економистите во светот постои консензус дека корона кризата е поголема од финансиската криза од 2008 година. Многу од нив, меѓу кои и Нуриел Рубини, зборуваат не за рецесија, туку за депресија, поголема и од Големата депресија од 1929-33 година. И од ММФ велат дека работите се лоши.
„Не се памети ваков застој на целата светската економија“, велат од Меѓународниот монетарен фонд и порачуваат државите да не избрзуваат да ги прекинат воведените мерки, за да не дојде до големи економски штети.
„Веќе сме во рецесија. Сега е многу полошо од глобалната финанансиска криза пред една деценија“, рече Георгиева на прес конференбцијата. Најтешко погодени се растечките економии и економиите во земјите во развој кои изгубиле речиси 90 милијарди американски долари. Таа во заедничкото интервју со првиот човек на СЗО, порача дека СЗО треба да го штити здравјето на луѓето, а ММФ економиите. „Фондот ќе ги штити економиите и ќе се обиде да ги врати сите луѓе на работа. На тој начин ќе се намали невработеноста и побрзо ќе закрепнаат економиите“.
Да се надеваме дека меѓу таквите економии, ќе биде и македонската. (М.Ј.)