Да се разрешат Меџити и Алиу – предлог на премиерот Џафери

Разрешувањето на двајцата министри што го поддржаа Таравари во битката во АА треба да се разгледува на првата наредна седница на Собранието


Фото. Б. Грданоски

 

Она што се очекуваше и се случи: министрите за здравство и за информатичко општество, Фатмир Меџити и Азир Алиу, треба да бидат разрешени.

Техничкиот премиер Талат Џафери доставил допис до претседателот на Собранието Јован Митрески, во којшто, согласно член 94, став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, предлага Собранието, на првата наредна седница, да ги разреши: Фатмир Меџити, од функцијата министер за здравство и Азир Алиу, од функцијата министер за информатичко општество и администрација, соопшти владината прес-служба.

Џафери, како што се наведува во соопштението, доставил и допис до Митрески, согласно наведениот член од Уставот, Собранието да ги избере: Илир Демири, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.

Барањето за смена на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозоција, додека крилото на АА предводено од Зијадин Села најави дека на изборите за пратеници на 8 мај АА треба да настапува самостојно. 

Пратеничката група на СДСМ ќе гласа согласно предлогот на Владата во однос на кадровски промени од редовите на Алијанса за Албанците и врз основа на ставот којшто ќе го имаат и пратениците на АА, изјави денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Лапласт–М“.

„Ако доставиле предлог до претседателот на Владата тогаш ќе го прашате претседателот на Владата каков предлог добил. А за тоа како ќе гласа пратеничката група на СДСМ таа ќе гласа во согласност со предлогот којшто ќе дојде од страна на Владата и секако врз основа на ставот којшто ќе го имаат и пратениците на Алијанса“, рече Ковачевски.

Тој рече дека досега комуникацирал со лидерот АА, Арбен Таравари и при формирањето на Владата, но и пред два дена, а претходно имале и заеднички состанок во седиштето на СДСМ.