„Да правам скандал или не“: Сиљановска објаснува какви дилеми имала во Софија

Таа за себе рече дека разговарала „претседателски и државнички“ со Радев и објасни дека се откажала да прави скандал


претседателката Сиљановска

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова синоќа во интервју за Сител се обиде да разјасни некои од опскурните моменти од нејзината посета на Софија и и резултатот остана само во обид. Таа го претстави нејзиниот пристап разговорот со бугарскиот шеф на државата Румен Радев како „претседателски и државнички“, што е прв пат некој во Македонија за себе да си дава такви квалификативи и суперлативи.

Сиљановска три дена подоцна уште објаснуваше какви дилеми имала кога влегувала во просторијата за сликање во претседателската канцеларија во Софија и низ глава ѝ поминувале мисли дали да прави скандал или не. А го знаела и протоколот во Бугарија.

„Јас ги знам протоколарните правила на Бугарија, ги знам и на многу други држави. Знам дека домаќинот го утврдува протоколот, знам дека имало примери кога доаѓале и други државници, меѓутоа не биле истакнати државните симболи. Но, она што мене ме зачуди и не мислам дека беше сторено намерно, е зошто не бев информирана за тоа. Последниот договор бил дека ќе има слика од тет-а-тет средбата, се разбира, од ручекот нема да има слика, но јас не знаев дека ќе треба да се сликам и во просторот каде што се одржуваат фото сесиите. Кога тргнавме, мислевме дека ќе одиме во просторија за разговор. Одеднаш, кога влегов во просторијата, ги видов двете знамиња и требаше да размислам што да направам. Едната мисла беше дека можам да си заминам и ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот греши, а не јас. Во тој момент решив дека е подобро сепак да не правам скандал“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа не мисли дека треба да бара одговорност од шефот на нејзиниот протокол, затоа што тој немал никаква одговороност.

„Нема зошто да има одговорност на шефот на протоколот, бидејќи цело утро тој и амбасадорката бараа контакт по телефон со шефот на протоколот на Радев, но тоа не беше можно. Па и кога влеговме, ниту на шефот на мојот протокол ниту на амбасадорката не им беше предочено дека според протоколарните правила за овој вид на посета, нема потреба од истакнување на знамето на гостинката“, рече Сиљановска.

Претседателката спомена во еден момент спомена дека разговорот со Радев бил „жесток дијалог“, а во друг дека бил „долг и пријателски“. Но не се разговарало за решавање на проблемите меѓу двете земји.

„Јас одговорно тврдам дека во текот на тет-а-тат средбата и во текот на ручекот со Радев имаше жесток дијалог, ама дијалогот не беше насочен кон проблемите и несогласувањата, туку кон тоа што може да направиме заедно со првиот сосед и дека оваа средба беше прв чекор кон тоа“, рече Сиљановска.

Во друг момент таа изјави:

„Разговорот со бугарскиот претседател Руман Радев беше долг, пријателски, со почит и јас ни за миг не ги заборавив македонските национални интереси, со тоа што знам дека и тој има право да ги презентира истите. Мислам дека успеав на пристоен, културен, претседателски и државнички начин да му кажам што е нашата позиција и што очекувам“, нагласи таа.

„Јас не негирам. Владата е реална или тоа е реален оптимизам и ја признава реалноста. Реалноста е отсликана во името на документите, називот на Кабинетот на претседателот. Јас тоа го признавам. Она што би сакала, е кога некаде ќе се напише или ќе се каже Република Македонија мора во фуснота да се каже дека е името сменето во 2019 година. Дури ни законите немаат ретроактивно дејство, а камоли име. Јас не сум се родила во Северна Македонија и сакам да ми напише некој оти тоа е многу коректно“, рече таа.

Опозициската СДСМ оцени дека по интервјуто за Сител Гордана Сиљановска-Давкова  „нема ниту капацитет, ниту достоинство да биде претседателка на дравата. По скандалозната посета на Софија, таа сега информираше дека свесно решила да се слика без знаме за наводно да не направела скандал. Свесно се сликала и свесно ја објавила фотографијата, па според ова таа свесно предизивикала понижување на државата и граѓаните“. 

СДСМ во соопштението уште додаде:

„Силјановска одлучила да ја понижи државата и нејзините граѓаните за таму во моментот да не ѝ биде непријатно. Фактот што нашата делегација, според нејзините тврдења отишла целосно неподготвена, без никаква координација со протоколот на Радев и без знаење за тоа што е планирано од протоколарни активности, укажува на целосно отсуство на одговорност и професионализам во нејзиниот тим. Аматерски подготвена посета која однапред била осудена на фијаско“.