ЦУК: Вчера пожарникарите интервенирале на 33 пожари, активни се уште два


 

Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 33 пожари. Според информациите што стигнале до Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК), противпожарните тимови, некаде помогнати и од месното население, изгаснале 31 пожар, а два пожари утрово сѐ уште се водат како активни и се во тек активностите за нивното контролирање, локализирање и догаснување.

Двата активни пожари се во општина Брвеница, кај село Милетино, каде гори борова шума и ниска вегетација, што беше изгаснат, но ноќта повторно почнал да гори и во општина Могила, кај село Лознани, каде гори ниска вегетација, грмушки и нискостеблеста шума.

Во 31 од изгаснатите горела мешана и нискостеблеста шума, сува трева, а на места и отпадоци.

Пожари се регистрирани низ цела Македонија и тоа по четири во Прилеп и Куманово, по три во Студеничани, Струга и Кичево по два во Сарај, Долнени, Гевгелија и Гостивар и по еден пожар е регистриран во Бутел, Гази Баба, Битола, Радовиш, Теарце и Старо Нагоричане. 

Како што велат од ЦУК, по утринските активности за контролирање, локализирање и гаснење на сѐ уште активните пожари се очекува истите да бидат доизгаснати денеска.