„Црвена јабука“ со јубилеен концерт на 29 ноември во „Борис Трајковски“


Скопје е една од европските станици каде легендарната сараевска група „Црвена јабука“ ќе настапи во чест на 40 годишниот јубилеј, заедно со Загреб, Сараево, Љубљана, Минхен, Стокхолм… Концертот е закажан за 29 ноември, во арената „Борис Трајковски“, во организација на „Прагма“. 
Фронтменот Дражен Жериќ- Жера денес на прес-конференција во Скопје вети повеќе од 3 часа чиста магија во живо, најголемите безвременски хитови, многу специјални гости и посебен подарок за најверните фанови. 

Бендот е основан во Сараево во 1985 од вокалот, автор и гитарист Дражен Ричл-Зијо и гитаристот и автор на повеќето хитови на групата Златко Арсланагиќ-Злаја. Групата беше дел од музичкото движење Нов примитивизам во 1980-тите.

Првиот албум насловен „Црвена јабука“ е снимен во 1986. Во тоа време обвивката на плочата и касетата се сметаше за контраверзна, поради девојката која позираше со гол задник, а на неа со кармин беше нацртано црвено јаболко.

На 18 септември во 1986 година, бендот доживеа несреќа на патот од Сараево кон Мостар, патувајќи на концерт. Загина басистот Аљоша Буха, а пејачот Дражен Ричл почина на 1 октомври истата година. Во 1987, бендот повторно се собра и сними албум во чест на загинатите колеги, со Дражен Жериќ-Жера како вокал, кој дотогаш беше клавијатурист во бендот. Жериќ остана пејач во групата и единствениот од старите членови до денес.

Од 1994, по војната во Босна и Херцеговина, тој и дел од новите членови живеат во Загреб. Златко Арсланагиќ пред војната се пресели во Канада и се повлече од музиката.

Бендот сними 19 студиски албуми, а турнеите и концертите во регионот и во дијаспората им се константно полни.

Билетите се продаваат преку мрежата на Купи карта.