Цртани филмови под отворено небо
Македонската филхармонија завчера во Градскиот парк под отворено небо ги свиреше познатите песни од цртаните филмови, како што се Пинк Пантер, Мечето Ушко, Балтазар, Козле Бозле, Барум Барум и други.
Музичарите ги водеше диригентот Џијан Емин, кој на почетокот на концертот рече дека ова е едно враќање во минатото, но и потсетување на сегашните деца со какви цртани филмови растеле повеќе генерации.
– На времето, додека имавме само две телевизии, бевме пресреќни ако пуштеа два цртани едноподруго. Се молевме на чичковците од телевизиите да го направат тоа – рече Емин.
Тој апелираше до публиката да не остава ѓубре во паркот откако ќе заврши концертот.
– Секоја година се зголемува еколошката свест кај луѓето. Ќе ве замолам по концертот понесете го своето ѓубре и фрлете го во најблиската корпа за отпадоци – рече Емин.
Концертот траеше околу час и половина, а се свиреше музика од девет цртани. Градскиот парк беше преполн со мали, но и големи деца.