Црната кампања го зацрни времето пред изборите


Фото: Борис Грдановски

Комуниколозите сметаат дека со ваквиот пристап ефектот е многу мал за да се придобијат неопределените граѓани, односно оние кои сѐ уште не се одлучиле дали ќе излезат на гласање

 

Уште непочната официјално кампањата за предвремените парламентарни избори, партиите на големо ги активираа своите штабови и не штедат средства да ги оцрнат политичките противници. Црната кампања доминира во дебатните емисии, во партиските соопштенија, на прес конференциите… Загрижува крајно ниското, дури и примитивно ниво на таквите настапи чија трансверзала се протега од најголемите до најмалите партии. Што е најлошо, се чини дека ова е само почеток.

Двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ до сега одржаа само по неколку прес-конференции на кои изложија дел од економските програми. ДУИ, пак, наместо програма, направи отчет за стореното во изминатите две ипол години. И толку.

Во меѓувреме, на повеќе места во Скопје осамнаа билборди, со потпис на ВМРО-ДПМНЕ и на кои под фотографии и монтажи со лидерот на СДСМ Зоран Заев, пишува „Еден се богати, два милиони осиромашуваат“, односно „Едно евро од квадрат ми донеси. На мене директно“, а пораката е дополнета со „Луј Витон“ чанта. На социјалните мрежи беа објавени и фотографии на кои се гледа дека таквите билборди се премачкуваат со боја, од страна на засега непознати лица, на што реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека тоа е доказ на нервозата кај СДСМ.

Од друга страна, на повеќе места во градот може да се видат летоци со кои се потсетува кој е заслужен за влезот во НАТО, а која партија ќе овозможи „обнова на режимот“. На овие флаери не стои кој е нивниот издавач.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска изјави дека „доминантно сме фокусирани на позитивна кампања. Знаете, или ќе правите добро или ќе правите лошо, немате време за двете. И во животот е така, но сакаме да ги промовираме иднината, вредностите. Ја вративме слободата и демократијата. Слободата не значи лажни вести. Тие навистина знаат да уништат цели општества, цели семејства, држави итн. и ќе се бориме како што цел свет се бори против лажните вести“.

Колку ваквиот пристап на партиите, наместо со визии и програми да користат црни кампањи, ќе им донесе успех? И дали со тоа ќе придобијат нови гласачи, оние кои се неопределени, а кои според сите анкети не се малку. И, конечно дали во наредниот период може да се очекува промена на ваквиот пристап и наклонување кон она што во обичниот говор може да се означи како позитивна кампања со идеи, програми и проекти.

Комуникологот Петар Арсовски вели дека од комуниколошка гледна точка негативните кампањи функционираат и дека ефектот од нив е деморализирање на неопределеното гласачко тело.

„Сведоци сме дека негативните кампањи сѐ повеќе се присутни и во светски рамки, односно дека станува збор за светски тренд. Во основа таквите кампањи влијаат врз бројот на оние кои ќе апстинираат и ја намалува излезноста. Од друга страна, партиите со таквиот пристап го мобилизираат сопственото гласачко тело“, вели Арсовски. Кај поддржувачите на политичките опоненти, пак, може да дејствува демотивирачки.

Тој додава дека Македонија не е надвор од ваквиот светски тренд, што, меѓу другото, се должи и на високите тензии кои подолго време се присутни во земјава и кои нема да прекинат и во наредниот период.

На прашањето дали може да се очекува во пресрет на изборите партиите, сепак, да свртат поинаков лист и да ја напуштат негативната кампања, Арсовски вели дека не верува во такво нешто.

„Шансите за тоа се мали“, вели тој и додава дека главниот мотив за таквиот пристап е токму демотивирањето на неопределените и приврзаниците на противникот, од една страна и мотивирање на сопственото гласачко тело, од друга.

Слични се очекувањата и на Синиша Пекевски, експерт за односи со јавноста.

„Не верувам дека ќе дојде до такво нешто“, вели Пекевски. „Кампањата се води во стилот ‘Не е битно што сум направил јас, туку колку е лош другиот’. Тоа се прави во услови кога партиите немаат многу со што да се пофалат“, вели Пекевски. Во основа, како што вели тој, СДСМ сака да потсети на владеењето на Никола Груевски.

„Претпоставуваат дека кај граѓаните сѐ уште е свежо владеењето на Груевски, па на таков начин настојуваат да постигнат некаков ефект. Од друга страна, опозицијата објективно не е во состојба да се фали за нешто, па акцентот го става на тоа колку власта не испорачала од она што го ветила“, вели Пекевски.

И тој смета дека со ваквиот пристап не можат да се придобијат неопределените граѓани, односно оние кои сѐ уште не се одлучиле дали и за кого ќе гласаат на предвремените избори. Или, ефектот е многу мал.

„Неопределените граѓани се ‘купуваат’ со програми, тие најмногу гледаат каква е понудата на партиите. Малку се оние од неутралните кои можат да бидат привлечени со црна кампања“, вели Пекевски. Од друга страна,  кај дел од гласачкото тело кое на минатите избори гласот го даде за промени и за градење подобро и поправедно општество, ефектот од црната кампања може  да биде и негативен, односно да ги оддалечи од партијата за која тогаш гласале.

„Гласачкото тело на опозицијата е прилично хомогено и со пристапот кој го има, дополнително ќе го зацврсти. Но, кај владејачката партија, која дојде на власт со надеж дека ќе направи  промени, пристапот ‘како беше порано’ може да одврати дел од оние кои гласале за нив на претходните избори“, вели Пекевски.

Тој не верува дека натамошниот тек на политичката битка за што поголем број гласови ќе се пренасочи кон позитивни пораки. Напротив.

„Дефинитивно, црната кампања ќе стане уште посилна. Во таков амбиент, нема да има многу простор за програмите – ќе се оди на две-три круцијални работи кои најмногу ги засегаат граѓаните“, вели Пекевски.

Според Изборниот законик, за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на организаторот на кампањата, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.

Ако е вака во периодот кога партиите законски немаат право да водат кампања, како ли ќе биде кога таа и официјално ќе започне? Кампањата законски почнува 20 дена пред изборите и завршува со изборниот молк, односно трае 24 часа пред денот на изборите, а забранета е и на денот на изборите. Изборите се закажани за 12 април, што значи, наредните дваесетина дена, колку и ваквите пораки да се агресивни и да изгледаат црно, тие се само вовед во она што ќе следува потоа, кога партиите ќе ја извадат тешката пропагандистичка артилерија.

Мирче Јовановски