Цистерна со вода поставена во болницата во Гостивар – за пациентите, флаширана вода


За обезбедување на хигиенските потреби на пациентите и вработените во Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, поставена е цистерна со вода во кругот на здравствената установа.

Од управата на болницата информираат дека цистерната е обезбедена преку соработка со ЈКП „Тетово“ и ќе биде на располагање во наредниот период.

„Цистерната ќе биде во функција на пациентите и болничкиот персонал за хигиенско-техничките потреби, со цел да се обезбедат што подобри услови за непречено функционирање на болницата“, наведуваат од болничката управа.

Директорот на болницата Емри Бајрами вчера информираше дека за сите одделенија е обезбедена флаширана вода за пиење, наменета за пациентите, со што им е овозможен пристап до безбедна вода.

По проблемите со загадувањето на водата од градскиот водовод, болницата се соочи со значително зголемен број прегледи и наплив на пациенти. Од управата посочуваат дека медицинскиот персонал е целосно ангажиран за надминување на состојбата, како и дека продолжува координацијата со надлежните институции за непречено обезбедување здравствени услуги и навремена грижа за пациентите.