Циркуларна економија – концепт за справување со климатските промени, трендот се следи и во земјава
Се смета дека во Македонија до 2035 година само во делот на енергетска ефикасност и обновливи извори може да се отворат 6.000 нови работни места
Циркуларна економија или кружна економија е еден од начините за справување со климатските промени и сè повеќе добива значење како нов тренд, нов бизнис-модел што е помогнат со мерките на владите низ светот.
Ладеја Година Кошир, експертка за циркуларна економија од Словенија, вели дека циркуларната економија е нешто што ни помага да го подобриме животот и да опстанеме како цивилизација затоа што во голема мера говориме за природата и преживувањето на човечката раса. Циркуларната економија како концепт значи задржување на вредноста.
„Во моментот кога ќе произведеме нешто прво треба да донесеме одлука дали да произведеме или не, а потоа како да ја задржиме вредноста на тоа што сме го произвеле колку што е можно повеќе да го одржиме во производствениот циклус и во циклусот на консумација. Кај екосистемот ја имаме почвата, водата и тука во регионот како сè да си земаме здраво за готово, меѓутоа тоа не е нешто што сакаме да го правиме. Да, ние сè уште можеме да пиеме вода од чешма и да произведеме висококвалитетна храна и тоа е придобивката што ја имаме, се гордееме со тоа, но треба да се фокусираме како да го задржиме тоа“, вели Кошир.
Целите за одржлив развој како рамка (има 17 одржливи цели) се заложба, меѓутоа, вели, доколку не се однесуваме соодветно, доколку не преземеме секојдневни одлуки во врска со овие цели, тие не важат. Со оглед дека циркуларната економија и целокупната транзиција се темели врз истражување нови решенија, нам ни треба всушност креативност, отворени умови. Затоа што, вели, како што кажал Ајнштајн, не можеме да ги решиме проблемите со истиот ум, метод, со истото размислување, со истиот пристап што нè довел до тие проблеми. Мора да бидеме многу отворени, креативни.
Циркуларната економија во голема мера е сврзана со 12-те цели: производство, консумација, начинот на кој ги дизајнираме работите, како да ги одржиме, како повторно да ги искористиме, да ги поправиме и на крај да преминеме кон рециклирање. Значи ова не е управување со отпад, туку ова е концепт што повеќе се однесува на управување со ресурси – на кој начин да управуваме со сопствените ресурси и како да ја задржиме нивната вредност преку процесот на рециклирање. Ова, нагласува Кошир, се однесува на сите природни ресурси.
Во однос на економијата, бизнисите ќе опстојат ако водат сметка и за животната средина и за општетството. За работните места, додава таа, има неколку можности, бидејќи кога го имплементираме овој модел, ние всушност измислуваме нови работи, иноватори сме, иновираме нови форми на соработка, па ќе можеме да изнајдеме нови работни места сврзани со дигиталните економии, кои се од суштинска важност. Дизајнот е друга работа и покажува колку е тој значаен за производите и за услугите.
„Важно е да се нагласи дека сè уште во нашиот регион ги имаме работите во наши раце. Најголем дел од луѓето знаат како да ги поправат работите доколку се расипат. Тоа е исто така дел од циркуларната економија. Значи целокупниот спектар од многу комплексни работни места, до места што се на некој начин лесни за работа. За секого ќе има работно место и доколку ги здружиме силите и видиме каде да се позиционираме себеси, секако дека ќе има можности за сите“, вели Кошир.
За тоа дали компаниите се подготвени за циркуларна економија, словенечката активистка оценува дека фирмите сè повеќе доаѓаат во сржта на овој процес на транзиција затоа што владите се придвижуваат, иако смета пребавно, а бизнисите знаат дека ова е неопходност.
„Она што е важно е водството, а целокупниот процес е ориентиран кон овозможување и охрабрување на бизнис-претставниците и директорите на фирмите да ја сфатат можноста што ја имаме на располагање. Бизнис Јуроп или другите организации ова го ставаат во фокусот и преку споделување на добрите практики и преку прикажување дека добриот бизнис ќе биде добар за сите три сегменти – економија, животна средина и општество, а кој станува наша реалност сè повеќе“, вели Кошир.
Се смета дека во Македонија до 2035 година само во делот на енергетска ефикасност и обновливи извори може да се отворат 6.000 нови работни места.
Индустриски гранки каде што веќе се применува бизнис-моделот на циркуларна економија
Според Атанас Кочов, професор на Машинскиот факултет во Скопје, концептот на кружна економија подразбира повеќекратно користење една иста суровина за да добиеме повторно нов производ. Самиот термин во суштина е бизнис-модел што се користи за да се намали неправилното искористување на природните ресурси, со цел заштита на животната средина и постигнување подобри услови, односно придонесување кон намалување на климатските промени.
Клучниот проблем кај овој концепт е, вели, во начинот на користење на суровините, односно што ќе избереме да користиме како суровина за да добиеме одреден производ и како животниот век на тој производ ќе го затвориме. За жал, генерално, постоењето на циркуларната економија, вели, не можеме да кажеме дека секаде е застапено. Знак на прашање е и до кој процент одредени суровини од кои сме добиле одреден производ можеме да ги рециклираме и повторно да ги вратиме во циклусот.
„Овој концепт е применлив секаде во секој сектор, но треба да се промени начинот на размислување преку правилно искористување на ресурсите. Кога станува збор за компаниите не можеме да кажеме дека одрeдена компанија е целосно посветена на циркуларна економија, туку дека придонесува кон циркуларната економија доколку користи ресурси за производство на производи што по нивното искористување можат да бидат рециклирани, појаснува Кочов.
Пример за кружна економија, вели, постои кај винарниците каде што по преработката на грозјето дршките може да се искористат за производство на брикети, а од семките може да се извади одреден Ку-10 ензим или друг дериват што потоа може да се користи за производство на нови производи и во тој случај велиме дека го затвораме циклусот на производство со нула отпад.
Како тренд циркуларната економија постои во прехранбената индустрија, во текстилната индустрија, во дрвната индустрија… Во делот на енергетиката може да зборуваме за овој концепт само ако се користат обновливи извори на енергија, но не и јаглен. Кај автомобилите на електричен погон важно е, вели, дали енергијата што се користи за полнење на батериите е од обновливи извори, а прашање што се поставува е и рециклирањето на овие батерии.
За процесот на транзиција на економијата во циркуларна Кочов оценува дека тоа е долготраен процес и не се важни само финансиите, туку е потребна промена на менталниот склоп, а тоа е во суштина вложување во менување на начиниот на размислување и сфаќање на работите.
„Доколку ние имаме компанија што има каков било производствен процес во кој ќе развива производи што ќе можат да се рециклираат, тогаш велиме „да“ – придонесува во воведувањето на циркуларната економија или постигнување одредени цели во одржливиот развој, во смисла дали оние 17 цели што ОН ги даваат ги задоволуваме или не, за да имаме одржлив развој, заштита на животната средина, да имаме висока свест и да имаме за секого сè што ни треба“, вели проф. Кочов.
Во тој контекст, посочува, важно е образованието каде што децата во самиот процес на спознавање на работите и изучувањето во сите степени на образовниот процес треба да се насочуваат кон развој на наука и истражувања, односно развој на производ што ќе може целосно да го затвори кругот на производство. Но, промената во однесувањето почнува од дома, во семејството, од тоа како ние се однесуваме кон отпадот што го создаваме, дали рециклираме, дециден е проф. Кочов.
Науката во функција на реалната економија
На Машинскиот факултет се изработуваат проекти што значат примена на науката во функција на циркуларната економија. Така во моментов во тек е проект од постдипломец, кој работи на истражување на рециклирана пластична маса – полимер, која помешана со отпадок од дрвната индустрија треба да даде нов производ – кутија за звучник и се истражуваат неговите технички карактеристики. Во фаза на идеја е и можноста за соработка со Медицинскиот факултет за изработка на ортопедски помагала со 3Д-принт што ќе користи рециклирана пластична маса.
Соработка со големи компании во Македонија досега, вели Кочов, не оствариле, но со мали и средни претпријатија веќе работеле на намалување на отпадот што го имаат или враќање на тој отпад во производиот процес. Имаат работено со винарници преку проект на ОН, со фирми од прехранбената индустрија (Специјал, Жито Полог), кои значат воведување нов принцип, нов начин на работење.
Според искуствата од регионалната мрежа на соработка на универзитетите воспоставена од 2007 година за помош на реалниот сектор, развиена преку проект на ОН, од земјите во регионот, во Србија, вели, доста се работи на полето на циркуларната економија, но доминантно на полето на хемиски лизинг, односно намалено користење хемикалии во производни процеси, како бизнис-модел што го развиваат. Се работи и во Црна Гора. Во БиХ нема ништо засега, а во Албанија се на почетокот.
Зелениот план на ЕУ
Европската комисија во декември лани го претстави Европскиот зелен план, таканаречен „Грин дил“ (Green Deal), со кој Европа до 2050 година треба да биде прв климатско неутрален континент, а во исто време треба да ја зајакне економијата, да ги подобри здравјето и квалитетот на живот на европските граѓани.
Планот за кој се смета дека нема да биде лесно да се спроведе, но е изводлив и дека сè уште не е предоцна, предвидува мерки за поттикнување на ефикасноста на ресурсите со преминување кон кружна економија, запирање на климатските промени, враќање на трендот на загуба на биолошката разновидност и намалување на загадувањето на животната средина. Со планот се опфатени сите сектори на економија од транспорт, енергетика, земјоделство и градежништво до индустриите како челик, цемент, текстил, хемикалии и друго.
ЕК тогаш се обврза дека во рок до сто дена ќе го претстави првиот „европски закон за климата“, а исто така подготвува и стратегија за биоразновидност до 2030 година, нова индустриска стратегија и акциски план за кружна економија.
Исто така, се најавува и стратегија за одржливо производство и дистрибуција на храна, како и план за намалување на емисијата на штетни гасови за најмалку 50 проценти до 2030 година во споредба со нивото од 1990 година.
За остварување на тие цели, според ЕК, потребни се големи вложувања. Се предвидува дека за остварување на сегашните климатски и енергетски цели до 2030 година ќе бидат потребни 260 милијарди евра дополнителни вложувања годишно, а ќе треба да се мобилизира и јавниот и приватниот сектор.
ЕК подготвува и „Зелен план за Западен Балкан“, како еден од регионите што се во голема мера зависни од фосилни горива и најтешко погодени од климатските промени. Со планот се предвидува поддршка преку фер транзициски механизам, кој ќе вклучи посебен фонд под политика на кохезија во новиот долгорочен буџет на ЕУ.