Чудесна уметност која значи живот- Канг Су-Јин и Олга Панго со пораки за Светскиот ден на танцот
На 29 април дигитално ќе биде одбележан Светскиот ден на танцот, во соработка со балерината, кореограф и балетски педагог Олга Панго, која е авторка на годинашната македонска порака по повод Светскиот ден на танцот.
Како што информира Македонскиот центар на Интернационален театарски институт ПРОДУКЦИЈА, Панго порачува: „Танцувајте, танцувајте и само танцувајте!“. Таа апелира да се танцува секој ден, да се учат децата да танцуваат и да бидат среќни, а на постарите и немоќните да им се помогне го придвижат своето тело за да се чувствуваат подобро.
– Да се пишува, да се зборува и да се живее танцот е привилегија која ја имаат само оние кои истрајуваат на патот на оваа чудесна уметност која значи живот. Танцот е начин на изразување, комуникација, љубов и несебично вложување во телото како инструмент, кој создава совршена музика, која може да се визуелизира. Танцот е мост кој го користиме да поминеме од една на друга страна: од потемна кон посветла, од не знаење кон знаење. Убавина која ја живееме во сите негови форми, се вели во пораката.
Според Панго, танцот е слобода со која се надминуваат најсложените и најтешките ситуации во животот и така светот ќе го направиме подобро место за живеење.
– Танцот е толку возбудлив и забавен што ние кои се занимаваме со него сме среќни луѓе. Во времиња како овие, времиња на големи искушенија и транзиции, во ерата на пандемијата, единствениот спас е да се прочистуваме со нешта кои се возвишени: како танцот и уметноста воопшто. Танцот опстојувал, опстојува и ќе опстои независно од тоа колку општеството ќе ги поддржи оние кои го негуваат, се борат и живеат од него, со него и во него. Секојдневното присуство на танцот нè прави само посреќни и побезгрижни, наведува Панго.
Светската порака е на Канг Су-Јин од Јужна Кореја, танчерка, уметничка директорка на Националниот Балет во Јужна Кореја.
– Катастрофата наречена Ковид-19 го запре животот во кој бевме слободни, гледано од оваа перспектива (бевме послободни), меѓу другото оваа трагедија не наведе да ги промислуваме значењата на „танцот’’ и „танчерите’’. Во далечното минато, танцот бил примарна комуникациска експресија, зборови изразени преку гестови; танцот претворајќи се во уметност на перформансот ги придвижува душите и ја инспирира публиката. Танцот е уметност на моментот и тешко е да се реставрира во нејзината оригинална форма и облик, тогаш кога станува завршен, бидејќи е создаден со целото тело и душа. Танцот се создава во ефемерни моменти, ги одредува танчерите да бидат засекогаш во движење. Додека Ковид-19 ѝ наметна рестрикции па дури ја блокира уметноста на танцот во нејзината изворна изразна форма…, вели Канг Су-Јин.
Според неа, состојбата постепено се подобрува, а танцовите изведби се уште се предмет на многу рекстрикции и ограничувања.
– Ова ни предизвикува да ги цениме сите драгоцени моменти и сеќавања од времето кога танцот и танчерите блескаа како скапоцени камења на сцена, победувајќи ја човечката агонија и анксиозност, волја и надеж за живот и просветлен свет, наведува Канг Су-Јин.
Таа посочува дека публиката е жедна да ги теши и поддржува танчерите.
– Како танчери ние веруваме дека ширењето на нашите танцови крилја им дава надеж во срцата на оние кои ја љубат уметноста на танцот и им дава храброст да ја надминат пандемијата. Моето срце почнува повторно да отчукува танцувајќи, се вели во пораката на Канг Су-Јин.
Преводот на македонски јазик на светската порака го изработи Иванка Апостолова Баскар, и е објавен на официјалната страна на ИТИ УНЕСКО – ЛИНК:
https://www.international-