Членството во ЕУ заглавува меѓу роковите и изговорите

„Проширувањето веќе не е сон. Време е да одиме напред“, порача преку Твитер Шарл Мишел и ги запали дискусиите на Балканот


„Проширувањето веќе не е сон. Време е да одиме напред“, порача преку Твитер Шарл Мишел, актуелниот претседател на Европскиот совет, посочувајќи ја 2030 годин како можен временски рок за проширување на ЕУ.  Тоа ги запали дискусиите на Балканот, каде што датумите се сфаќаат многу буквално и каде што, место да се исполнуваат условите, се бараат изговори да се дигнат раце. Причина за второто даде францускиот претседател Емануел Макрон, кој на годишниот состанок на амбасадорите порача дека Унијата пред идното проширување треба внатрешно да се реформира, ако сака да функционира со 28 до 35 нови земји членки, колку што може да брои со Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан.

Изјавата на Шарл Мишел е повеќе визија отколку ветување, односно има иста тежина како нашата решеност до 2030 година да ги исполниме условите и да станеме земја членка, бидејќи мораме да имаме временска рамка во која ќе ги движиме реформите. Таа рамка не ја правиме само за нас, туку и по барање на Унијата која исто така си дава временски рамки за процесите, за да може повеќестрано да ги менаџира и да ги подготви процедурите. 

А, не е првпат ЕУ да има рок до кога треба да влезат земјите од Западен Балкан во членство. Последниот беше 2025 година, кој беше вклучен и во стратегиска рамка, по охрабрувачките придвижувања во регионот и очекувањата дека Србија и Црна Гора можат дотогаш да влезат во Унијата, а Македонија да биде значајно напредната во процесот. Но, и во стратегијата беше нагласено дека станува збор за индикативна временска рамка која може да биде реалистичка „само ако во земјите има цврста политичка волја, ако се испорачаат вистински реформи и ако се најдат трајни решениеја за спорните прашања со соседите“, што не се случи ни во Србија ни во Црна Гора.

Оваа најнова индикативна временска рамка е условена колку од случувањата во ЕУ, толку и од тие кај нас, бидејќи ако не ги усвоиме уставните измени, како ќе почнеме воопшто преговори за да ги завршиме до 2030 година? Сепак, по оценката на Макрон за „ЕУ во две брзини“ и за реформи пред проширување на Унијата, што се слушнати стопати досега,  и од него и од други француски лидери, почнаа поделбите по партиска линија кои се сведуваат на тоа : Дали да му веруваме на оптимизмот на Мишел, или да се приклониме на песимизмот на Макрон и да ги отфрлиме уставните измени, бидејќи ќе нема влегување во ЕУ додека таа не помине низ внатрешно преуредување? Во смисла, не само  да  чекаме некој од ВМРО-ДПМНЕ да испреговара подобра Преговарачка рамка без Бугари во Уставот, туку  да чекаме и ЕУ да се реформира, како да не се можни паралелно тие два процеси и како ЕУ да не поминува постојано низ реформи. Уште повеќе што реформа е и начинот на кој Брисел го води проширувањето сега споредено со минатите пакети и начинот на кој сака да го сврти процесот наопаку – да влегуваме во програмите и во политиките на ЕУ, а членството да дојде потоа.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ од сите тие најави направи своевидна каша попара . Според него, по говорите на Мишел и Макрон, јасни се неколку работи: Во ЕУ прво ќе има реформи, па проширување (страшно би било и за нас да е обратно); земјите од Западниот Балкан заедно ќе влезат во Унијата, кога ќе влезат ; никогаш нема да имаат право на вето и полно право на глас (второто е лична импресија бидејќи нема таква најава), интегрирањето ќе оди тема по тема (сака да каже постепено ќе не вклучуваат во програмите без да каже дека тоа ќе се прави пред членството во Унијата за да се забрза интеграцијата),со заклучок на крајот дека полноправни во ЕУ – нема да бидеме. Практично, по најавата на Мишел за 2030 година  сега се спори квалитетот на процесот и на членството. Немањето право на глас, пак, Димовски по се изгледа го заснова на изјавата на Мишел дека „ би можела да се додаде таканаречена клаузула за доверба во пристапните договори за да се осигура дека земјите што штотуку се приклучија не можат да ги блокираат идните земји-членки“, иако одземање на право за глас може да се направи само со промена на основачките документи за Унијата.

Наспроти сериозноста со која „Европа со две брзини“ се третира кај нас, ваквото барање на Франција има долга историја и формално не наидува на поддршка во Унијата. Од друга страна може да се каже исто така дека ЕУ на некој начин одамна функционира во две брзини, па тоа не е нешто ново или неприфатливо, имајќи во предвид дека некои земји членки не се во Шенген режимот, други не се дел од еврозоната, некои не се дел од азилантската политика и слично.

Практично, ниту изјавата на Мишел за 2030 година е целосна пресвртница во политиката на ЕУ кон Македонија и регионот околу проширувањето, ниту барањата на Макрон се пресудни колку ќе трае процесот и не го ставаат под прашалник тоа што го најавува еврофункционерот. Ако  чекаме да се исчисти теренот и да нема дилеми како ќе се одвива процесот, никој да не бара реформи во ЕУ и секое ветување да го земаме здраво за готово освен сопственото, таков моментум тешко дека ќе доживееме.

Поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малески, денес за „Слободен печат“ оцени дека моменталната состојба во Унијата претставува маглива сива зона во која сè уште не се  исцртани јасно контурите на политиките за проширување во ЕУ. Сепак, Малески смета дека арсеналот што стои пред нас е многу ограничен и мораме да бидеме активни и упорни додека постои шанса да работиме на евроинтеграцијата, и покрај неисполнетите политички ветувања на Брисел кон регионот.

„ Најновиот повик на Макрон Еврoпа да разгледа форми на интеграција различни од членство како ‘Европа во повеќе брзини’ не е ништо ново, ниту од Макрон ниту во Унијата“, оцени и Малинка Ристевска Јорданова, за истиот медиум. Според неа Макрон истата идеја ја промовирал во уште во 2018 година и восличен контекст – поради намалувањето на влијанието на Европа во светот.

„Логиката е дека ако ЕУ сака да биде повлијателна во светот мора да биде поефикасна, а тоа не е случај ни сега, а се оценува дека уште помалку би било случај со нови членки“, посочи Ристевска.

Притоа таа ги набројува многуте идеи за различни форми на интеграција што станувале актуелни при секоја нова реформа на Унијата – „варијабилна геометрија“, „концентрични кругови“, „Европа на клубови“ или „Европа со повеќе брзини“, додека сега се дискутира подолго време за „фазна интеграција“. Според Нано Ружин, пак, Макрон пред се сака да ја „хиерархизира“ одлучувачката процедура во ЕУ, но тоа е комплексен и речиси невозможен иверзибилен процес, бидејки бара промени на Основачкиот договор од Рим.

Проблемот е што причините за предолгата евроинтеграција на Македонија и другите земји од регионот упорно се лоцираат само во ЕУ, место да се најдат решенија за можните пречки дома. Таквата логика ја демонстрираше на Бледскиот самит албанскиот премиер Еди Рама кој изнесуваше идеи кој кого треба да го нападне воено – за да и ние влеземе во ЕУ на брза лента како Украина. Притоа, заборавајќи дека оваа земја покажа многу поцврсто од нас што сака, за што е подготвена да плати највисока цена и што може да и даде на Унијата, т.е. освен територија, пазар, жито, енергија, човечки потенцијал – и силна верба во Европа, што не е случај кај нас. (С.Ј.)