Членка на НАТО сака да се приклучи на сојузот во кој се Русија и Кина


Групата БРИКС може да ѝ послужи на Турција како „добра алтернатива“ на Европската унија, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, пишува „Саут Чајна Морнинг пост“, пренесе Индекс.хр. Тој истакна дека Турција, и покрај тоа што е во царинска унија со Брисел, истражува нови можности за соработка со неколку партнери во различни платформи како БРИКС.

„Секако дека би сакале да станеме членка на БРИКС“, истакна тој. Фидан вчера се состана со шефот на кинеската безбедност Чен Венкинг и двете страни изразија подготвеност да ја промовираат билатералната безбедносна соработка, објави кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.

Тој денеска се сретна со својот кинески колега Ванг Ји и со потпретседателот Хан Женг. Во кинеското соопштение се вели дека Фидан му рекол на Хан дека Турција се придржува до принципот на една Кина и „нема да дозволи активности што го поткопуваат територијалниот интегритет на Кина“.

Во Нижни Новгород, Русија ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на членките на БРИКС, а ќе им се придружи и Фидан. Средбата се одржува во рамките на подготовките за октомврискиот самит во Казан, а се очекува една од темите на агендата да биде и можноста Турција да влезе во алијансата.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја објави намерата на неговата земја да се приклучи на сојузот пред шест години на самитот на БРИКС во Јоханесбург, но оттогаш има мал напредок.

Фикан вчера изјави дека некои големи земји од Европската унија никогаш не дозволиле Турција да стане полноправна членка на европскиот блок поради „идентитетска политика“. „Значи, мораме да бараме алтернативи“, изјави тој.

„Не можеме да го игнорираме фактот дека БРИКС, како важна платформа за соработка, на некои други земји им нуди добра алтернатива. Гледаме потенцијал во БРИКС“, додаде тој.

Турција пред речиси четири децении поднесе барање за приклучување кон тогашната Европска економска заедница, а во 1999 година и официјално беше призната како кандидат за полноправно членство во ЕУ.

Пристапните преговори започнаа во 2005 година, но долго време беа во застој поради низа прашања – од човековите права до надворешната политика. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека вратите на БРИКС „се отворени за претставниците на најразновидните економски и политички системи и макрорегиони“.