Чистки во Украина: Функционер барал помош за земјата облечен во „Диор“


 
 
Првиот ден од февруари стана навистина жесток за некои функционери и олигарси во Украина. Некои беа посетени од службениците за спроведување на законот во утринските часови, други беа едноставно разрешени од нивните позиции.
 
Стана јасно дека одредено кадровско затишје, кое претседателот Володимир Зеленски го најави еден ден претходно во својата видео порака, беше спокојство пред бурата. Поранешниот министер за внатрешни работи Арсен Аваков, олигархот Ихор Коломојски, службеници на Министерството за одбрана, даночни службеници – љубители на скапо природно крзно, поранешниот министер за енергетика Ихор Насалик, па дури и борецот на „Баталјонот Монако“ Вадим Столар – ова е нецелосен список на лица кои биле посетени од безбедносните сили во средата наутро.
 
 „Мојот сигнал до функционерите на сите нивоа, каде и да се: нема да има враќање во минатото. Украина го следи европскиот пат и нема да отстапи од него“, вети генералниот обвинител Андриј Костин. А Васил Маљук, кој сè уште не е назначен за шеф на Службата за безбедност на Украина,СБУ, рече дека ги исполнува задачите на претседателот и „задава глобален удар на внатрешниот непријател“.
 
Зошто владата најави лов на корумпирани луѓе токму сега? И што е најважно, дали треба да  очекуваме уште повеќе? „Украинска правда“ уште во декември минатата година слушна поплаки од своите соговорници во дипломатските кругови за украинската корупција „која диво цвета“ дури и во време на војна.
 
„Чудно е кога министерот доаѓа на меѓународен состанок, каде што бара помош, во костум на Диор од најновата колекција со скапа чанта од брендот. Мислат ли Украинците дека ова не го разбираме?“ – се пожалил дипломат на земја партнер при еден од разговорит
 
Некои од европските и американските функционери дури се консултираа со новинарите  како да зборуваат за важноста на антикорупциските напори во Украина, а тие  да не бидат искористени од руската пропаганда.
 
„Ги разбираме проблемите, знаеме во кои сектори постојат. Тоа се злоупотреби во царините, даноците и јавните набавки. Моќен блок чие влијание е монополизирано“ – наведе американскиот дипломат во разговор со „Украинска правда“. „Но, додаде тој, Украина мора да најде сила да ги решиме овие проблеми заради себе. Ја почитуваме демократијата и нема да вршиме притисок, но знаеме за постоечките проблеми, без разлика што мисли некој“.
 
Сепак, имаше и други причини за загриженоста на западните партнери: Тоа е помошта што ја добива Украина и прашањето за нејзината намена.
 
„Ние обезбедуваме милијарди долари и, се разбира, нашите гласачи треба да знаат дека сè е во ред со овие пари. Сите објави за украинската корупција се, пред сè, наши политички ризици“, рефлектира еден од американските претставници. Дали овие прашања беа покренати на средбите со Зеленски и државниот врв? Бројни соговорницитврдат дека само во формат на желби и препораки – без конкретни имиња и ултиматуми. Сепак, од навестувања и желби, западните партнери се чини дека се префрлија на акција. Така, во јануари, САД создадоа Меѓуресорска работна група за следење и истрага на незаконските дејствија на измамниците и корумпираните лица кои ја користат американската помош за Украина. Оваа група ја сочинуваат  преставници на тројцата генерални „инспектори“ (Министерство за одбрана, Стејт департмент и УСАИД) ), како и други надзорни организации во американската влада. На крајот на јануари претставници на моќната тројка и други агенции заеднички дојдоа во Украина за да добијат информации од прва рака.
 
„Администрацијата продолжува да се фокусира на спречување на злоупотреба на помошта или оружјето“, рече американскиот заменик државен секретар за политички прашања Викторија Нуланд. Таа позитивно го оцени бранот оставки на украинските функционери кои станаа учесници во корупциски скандали.
 
Но, ова не беше единствената причина што ја натера владата на Зеленски да преземе демонстративни акции во борбата против корупцијата. Кабинетот на претседателот презема многу политички чекори внимателно водени од социолошките податоци. И тие покажуваат дека, покрај желбата за победа во војната, барањето за правда останува исклучително актуелно во украинското општество. Сепак, слоганите на кои Володимир Зеленски дојде на власт во 2019 година не кореспондираат добро со скапите автомобили на членовите на неговиот тим, со непријавениот имот на „слугите на народот“ и другите корупциски скандали кои беа откриени од новинари или од институциите. Демонстративното ослободување од оние кои се вклучени во најновите приказни за корупција од висок профил  помогна да се прекине бранот на незадоволство во општеството. Сепак, вештиот политички сурфер секогаш сонува да го совлада бранот. А се чини дека во тоа успеа кабинетот на претседателот по последните претреси.

 

Тесен круг луѓе знаеле за оваа акција. Пред сè, Володимир Зеленскиј, шефот на неговата канцеларија Андриј Јермак и заменик-шефот на ОПУ за спроведување на законот Олег Татаров. Артем Шило, заменик на Одделот за национална заштита на државноста на СБУ, беше одговорен за операцијата од страна на СБУ. Интересно е што пред неколку дена почнаа да се појавуваат критички публикации за овој шеф на одделот на СБУ – наводно, токму поради неговата неактивност рускиот бизнис има можност да работи во Украина. Во СБУ го нарекуваат кадар на Олег Татаров, а во ноември минатата година новинарите пронајдоа многу недвижен имот и скапи автомобили на има на Шило и на неговото семејство. Па, кај кого точно дојдоа безбедносните сили во средата и на што се засноваат нивните обвиненија?

Утрински „гости“ на Коломојски

Во спортски тренерки и со влечки на боси нозе – вака истражителите на СБУ и Бирото за економска безбедност го затекнале олигархот Ихор Коломојски. Неговата куќа во Днепро беше претресена поради проневера на 40 милијарди гривни од поранешното раководство на двете најголеми нафтени компании во земјата – ПЈС „Укрнафта“ и ПЈС „Укртатнафта“.

„Конкретно, ова е трансфер на големи колиќества нафтени деривати на поврзани компании, даночно затајување од нивна страна, создавање лоши долгови на рафинериите за нафта, што доведе до девалвација и намалување на вредноста на нивните средства“, појаснуваат од СБУ. „Според истрагата, ваквата криминална активност била извршена во интерес на вистинските сопственици и корисници на компаниите“.

Ова не е прва истрага за Коломојски. Минатата година во септември, НАБУ го посети неговото место на живеење во Буковел во пет часот наутро. И во октомври, олигарх самиот дојде во НАБУ на испрашување.

Чистка во даночната и царинската управа

Назначување на позицијата началник за Киев во Државната служба за податоци, бунда од самур и часовник Бреге – тоа го посака шефицата на даночната служба на Киев, Оксана Датиј. За време на претресите на канцеларијата, тетратка со листа на барања до вселената беше пронајдена од страна на истражителите на Државното биро за истраги (ДБИ). 

Нејзините апетити за 2021 година значително се зголемија. Овде, една од желбите на личност која од 1995 година работи само во државната служба беше да „заработи милион долари“. Но, желбата за раководна позиција во Државната служба за податоци остана. Тоа беше исполнето во февруари минатата година, кога две недели пред целосната инвазија, Датиј беше назначена за носител на таа функција.

Во средата, на 1 февруари, Државното биро за истраги изврши претрес кај неа и кај  нејзиниот заменик. Според инспекторите, Датиј поседува три стана во Киев кои заедно се проценуваат на 1 милион долари, куќа во близина на Киев вредна околу 200.000 долари и два автомобили во вредност од 150.000 долари.

Датиј се сомничи за шеми за вештачко зголемување на бруто трошоците на претпријатијата, водење бизнис без регистрација на трговец поединец и доставување неточни информации за приходите. Според експертите, повеќе од 15 милијарди гривни завршиле илегално преку такви шеми. Второто обвинување се однесува на шеми за незаконски поврат на ДДВ, поради што повеќе од 30 милијарди гривни завршиле во тужи џебови. Службениците намерно ги игнорирале  постоечките шеми за злоупотреба, го поддржувале нивното постоење или директно учествувале во нив за систематски поткуп. Истиот ден, Кабинетот на министри на состанокот го разреши вршителот на должноста шеф на Државната даночна служба Тетиана Кириенко.Исто така, Кабинетот на министри го разреши раководниот кадар на царинската испостава. Вјачеслав Демченко, вршител на должноста шеф на Државната царинска служба, ја загуби функцијата заедно со  неговиот прв заменик Олександр Шчуцки, а причините за ваквите кадровски решенија не беа официјално именувани. Според шефот на партијата  „Слуга на народот“, Дејвид Арахамија, и вториот заменик Руслан Черкаскиј е отстранет од должностите – против него е покрената дисциплинска постапка.

Во текот на изминатата година,  ДБИ истражувале 576  кривични дела во царинската сфера. Врз основа на нивните резултати, за сомнение биле известени 156 лица, а до суд биле испратени обвинителни акти против 119 лица. Државното биро за истраги ги процени вкупните загуби на државата во завршените кривични постапки во царинската сфера на 372 милиони гривни.

Корупција во Министерството за одбрана

Дури и поранешни функционери на Министерството за одбрана се вмешани во корупциски скандал со напумпани цени на храната за армијата. Пред една недела, Олексеј Резников му се заблагодари на неговиот заменик Вјачеслав Шаповалов „за тимската и ефективна работа“ преку соопштение за печат. Според истрагата, тој лобирал за договори за производи за војската по надуени цени, набавка на панцири и други предмети за вооружените сили со низок квалитет.

Истата судбина го снајде и Бохдан Хмелницки. Токму тој, раководител на секторот за набавки, склучи договори во име на министерството со негов потпис. Хмелницки, како и Шаповалов, беше отпуштени со Меморандумот за разбирање. СБУ објави дека истражува купување на речиси 3.000 панцири за вооружените сили за над 100 милиони гривни. Истрагата ги оцени овие панцири со слаб квалитет, дека  не ги исполнуваат барањата за класа IV и не можат соодветно да ги заштитат војниците. Интересно е дека функционерите се товарат не само за вообичаената проневера на пари, туку и за „попречување на вооружените сили“, односно не само за корупција, туку и за кривично дело против националната безбедност. Третото лице против кое беше насочена истрагата  е Володимир Терешченко, поранешен заменик на државното претпријатие „Промоборонекспорт“, кој склучил фиктивен договор со странска компанија за проверка и проценка на делови од авиони кои веќе биле поправени.

СБУ исто така, спроведе голем број претреси на претставници на градежни компании во Киев контролирани од народниот пратеник во Врховната Рада, Вадим Столар. Истражителите веруваат дека овие комерцијални структури помогнале да се легализираат средствата на поранешните пратеници Виктор Медведчук и Тарас Козак. Истите шеми работеле во корист на други санкционирани лица – за кои се посочува само дека се државјани на Русија и Белорусија. Според СБУ, различни оф-шор и руски банки ги купиле корпоративните права на украинските грдаежници, а потоа ги користеле парите од продадениот недвижен имот за да платат за дејствија што и штетат на државната безбедност – односно ја поддржуваат руската агресија во Украина. Истражните дејствија се вршени по два члена од Кривичниот законик: планирање, подготвување, поведување и водење агресивна војна и финансирање дејствија сторени со цел насилно менување или уривање на уставниот поредок или одземање на државната власт, промена на украинската граница.

Самиот Столар, познат борец на „баталјонот Монако“, се пресели на  имот во Ница по целосната руска инвазија на Украина. Сепак, и покрај неговото физичко отсуство од земјата, Столар дури и оддалеку успеа да стане корисен за власта. Веќе во пролетта 2022 година тој, заедно со друг борец на баталјонот „Монако“, пратеникот Игор Абрамович, создаде парламентарна група под негова контрола со луѓе од забранетата проруска партија ОПЗЖ. Оваа група веднаш почна да гласа заедно со „Слугите на народот“ и да ги исполнува сите каприци на Банкова улица. Бидејќи и самите „слуги“ имаа проблеми со собирање гласови, „помоштата“ на Столар стана многу важна и соодветна. Сепак, на почетокот на оваа година било планирано на Столар да му се одземе пратеничкиот мандат. За да се спречи тоа, во јануари годинава тој итно се врати во Украина и присуствуваше на седница на радата (Парламентот).Столар го реши прашањето за мандатот, но неочекувано за него тој не можеше да ја напушти Украина бидејќи има „забрана за заминување“. Во моментов, Врховната Рада се обидува брзо да одлучи што да прави со забранетата проруска партија ОПЗЖ (Опозициска пклатформа за живот) и едно од популарните мислења е да се потиснат оние кои се директно поврзани со Медведчук и Русија и да се остават настрана бизнисмените и претставниците на други групи. Судејќи според претресите, Столар  спаѓа во првата група.

Во моментов, Врховната Рада се обидува брзо да одлучи што да прави со ОПЗЖ. И едно од популарните мислења е да се потиснат оние кои се директно поврзани со Медведчук и Русија и да се остават бизнисмени и претставници на други групи. И, судејќи според пребарувањата, Столар брзо спаѓа во првата група.

„Небрежност“ од милијарда ипол е сомнежот за Насалик

Скоро 1,5 милијарди гривни штета на украинскиот буџет, според СБУ, е предизвикана од официјална негрижа на поранешниот министер за енергетика и индустрија за јаглен на Украина, Ихор Насалик. Тој е осомничен за потпишување договори во корист на компании поврзани со олигархот Дмитро Фирташ. „Конкретно, со прекршување на одлуката на Кабинетот на министри, на бизнисмени незаконски не им биле земани пари за експлоатација на државниот имот“, се вели во соопштението на СБУ. Од мај 2017 година до декември 2020 година, украинскиот буџет покажа дефицит од една ипол милијарда поради фактот што операторите на мрежите за дистрибуција на гас го користеле државниот имот бесплатно – ова беше откриено од внатрешната ревизија на Министерството за енергетика спроведена во 2021 година. .

Овој документ првенствено се однесуваше на директорот на Одделот за комплекс за нафта и гас на Министерството за енергетика и јаглен Олександар Лисниченко, кој во моментов е вршител на должноста генерален директор на „Главните гасоводи на Украина“. Токму тој го потпишал Протоколот за несогласувања, кој им овозможли на операторите бесплатно да управуваат со системите за дистрибуција на гас. Сепак, Лисниченко постапил врз основа на полномошното на Насалик.

Инспекторите на ДБИ и СБУ го посетија и поранешниот шеф на МВР, Арсен Аваков. Претресите се поврзани со трагедијата во Бровари, кога хеликоптерот со раководството на МВР се урна во близина на градинка.

„Ја завршивме потрагата во врска со хеликоптерската несреќа. Ги разгледавме договорите со  „Ербас“ од пред 6 години. Едно е сигурно – нема ништо. Договорите беа одобрени од владата и парламентот. Тие беа правилно спроведени, и иако беше бесмислено, формално беше истражена оваа верзија“, изјави самиот Аваков.

Договорите се однесуваа на испораката на хеликоптерите „Ербас“, кои беа купени според договорот од 2018 година меѓу владите на Украина и Франција. Стануваше збор за официјална поддршка во создавањето на унифициран систем на воздухопловна безбедност и цивилна заштита. Француската страна требаше да и достави на Украина 37 хеликоптери во две фази, а потоа уште 18 хеликоптери. Од нив, 21 имаат носивост од повеќе од 10 тони.Токму овој тип хеликоптер  беше предаден на Украина во 2020 година, а се урна во Бровари.

Некои од хеликоптерите што беа испорачани во Украина не беа нови, туку употребени. Тие беа ремонтирани и модернизирани директно за операции за пребарување и спасување. Дополнително, купените летала се користеле и за транспорт на првите луѓе на државата. Моделот EC225 имаше „вродени“ технички проблеми. Извесен период, по серијата авионски несреќи, овој модел беше забранет во земјите на ЕУ за летови. На денот на трагедијата во Бровари, СБУ објави дека разгледува три главни верзии за катастрофата, од кои едната е технички дефект на хеликоптерот. Другите две се саботажа и прекршување на правилата за летање.

Попладнето во средата, 1 февруари, по негодувањето пораади претресите, шефот на партијата  „Слуга на народот“, Дејвид Арахамија напиша: „Ќе ја информирам јавноста за ненајавените пролетни претреси“. Списокот на истражни дејствија накратко го сумираше со ветување дека „земјата ќе се промени за време на војна“, а ако некој не е подготвен за промени, тогаш „самата држава ќе дојде и ќе му помогне да се смени“. Меѓутоа, каква е правната перспектива на сите горенаведени епизоди?

„Ќе биде исклучително тешко да се докаже злосторството на Коломојски во врска со „Укртатнафта“, со неговата комплицирана форма на сопственост и мноштвото вклучени правни лица. Само случајот со службениците на Министерството за одбрана и нивните договори има вистинска перспектива. Како прво, затоа што Националното антикорупциско бито, НАБУ, веќе има направено многу работа во оваа насока. Но, дури и ова може да потрае со месеци, а можеби и со години“, вели еден од шефовите на антикорупциските тела. (Украинска правда)