Чиле: Историска победа на левичарскиот студентски лидер Габриел Бориќ

Победата на Габриел Бориќ (35) на претседателските избори е неверојатна за земјата во која уште владејат духовите на режимот на Пиноче


Габриел Бориќ ја прославува победата на митингот во Сантијаго (Фото: АП)

 

Поранешниот левичарски студентски лидер освои убедлива победа за да стане новоизбран претседател на Чиле.

Со веќе преброени речиси 97 отсто од гласовите, Габриел Бориќ има 55,8 гласови и предност од 12 отсто пред неговиот противкандидат од крајната десница, Хозе Антонио Каст, ултраконзервативен татко на девет деца, кој брзо го прифати својот пораз и го повика Бориќ да му честита.

Бориќ пред огромната толпа набиена на булеварот во Сантијаго изјави: „Времињата што претстојат нема да бидат лесни“.

Тој подзапре само за да ја води толпата во скандирања или да се насмее на огнометот што експлодираше над главите.

„Само со социјална кохезија, повторно пронаоѓање и споделување на заедничка основа ќе можеме да напредуваме кон вистински одржлив развој – кој допира до секој Чилеанец“, рече Бориќ.

Бориќ, кој по татко има хрватско потекло, доаѓа од Пунта Аренас на крајниот југ на Чиле, уживаше во метеорскиот подем од студентската политика за да биде следниот жител на Ла Монеда, претседателската палата на Чиле.

Тој значително го промени својот имиџ од неговото учество во студентското движење во 2011 година, излегувајќи од група млади студенти-политичари за да биде два мандати на националниот конгрес пред да се кандидира за претседател.

На 35 години, тој ќе стане најмладиот претседател на Чиле кога ќе положи заклетва на 11 март.

 

Егзалтираните поддржувачи на Бориќ собрани во Сантијаго да ја прослават победата (Фото: АП)

Бориќ помина неколку месеци патувајќи нагоре и надолу во Чиле ветувајќи дека ќе донесе форма на инклузивна влада предводена од младите за да се бори со сиромаштијата и нееднаквоста, за кои рече дека се неприфатлив дел од  моделот на слободен пазар, наметнат пред децении од диктатурата на генералот Аугусто Пиноче.

Среде толпата поддржувачи во центарот на Сантијаго, Бориќ се качи на метална барикада за да стигне до сцената каде што на домородниот јазик мапуче иницираше возбудлив победнички говор пред илјадници претежно млади луѓе.

 „Ние сме генерација која се појави во јавниот живот и бара нашите права да се почитуваат како права, а не да се третираат како стока за широка потрошувачка или бизнис“, рече Бориќ. „Знаеме дека продолжува да има правда за богатите и правда за сиромашните, и повеќе нема да дозволиме сиромашните да продолжат да ја плаќаат цената на нееднаквоста во Чиле“.

Во својот говор, новоизбраниот претседател со брада, со очила ги истакна прогресивните позиции што ја започнаа неговата неверојатна кампања, вклучително и ветувањето за борба против климатските промени со блокирање на предложениот проект за рударство во земјата која произведува најмногу бакар во светот.

Тој, исто така, повика на крај на приватниот пензиски систем на Чиле – белег на неолибералниот економски модел наметнат од Пиноче.

Каст, кој има историја на одбрана на воената диктатура на Чиле, заврши пред Бориќ со два поени разлика во првиот круг од гласањето минатиот месец. Но, неговиот обид да го прикаже својот ривал како марионета на неговите сојузници од Комунистичката партија која ќе ја наруши најстабилната, напредна економија во Латинска Америка падна во вода во вториот круг.

Сепак, во модел на демократска учтивост што се оддели од поларизирачката реторика на кампањата, Каст веднаш го призна поразот, твитнувајќи своја фотографија со телефон, честитајќи му на својот противник за неговиот „голем триумф“. Потоа тој лично отпатува во изборниот штаб на Бориќ за да се сретне со неговиот ривал.

И претседателот во заминување Себастијан Пинера, конзервативен милијардер, одржа видео-конференција со Бориќ за да понуди целосна поддршка на неговата влада за време на тримесечната транзиција. Тоа следи по вториот круг во кој гласаа 1,2 милиони Чилеанци повеќе отколку во првиот круг и ја зголеми излезноста на речиси 56%, што е највисоко откако гласањето престана да биде задолжително во 2012 година.

„Невозможно е да не бидете импресионирани од историскиот одѕив, подготвеноста на Каст да признае и да му честита на својот противник дури и пред да бидат објавени конечните резултати, и великодушните зборови на претседателот Пинера“, рече Синтија Арнсон, шеф на програмата за Латинска Америка на Вилсон центар во Вашингтон. „Денес, сигурно, победи чилеанската демократија“.

Во метрото на Сантијаго, каде што покачувањето на цената во 2019 година предизвика бран протести низ целата земја што ги разоткри недостатоците на моделот на слободен пазар на Чиле, младите приврзаници на Бориќ вееја знамиња исцртани со името на кандидатот додека скокаа и извикуваа и се упатуваа во центарот на градот за неговиот победнички говор.

„Ова е историски ден“, рече Борис Сото, учител. „Го победивме не само фашизмот и десницата, туку и стравот“.

Бориќ ќе стане најмладиот модерен претседател на Чиле кога ќе ја преземе функцијата во март и само вториот милениумец кој ќе раководи во Латинска Америка, по Наиб Букеле од Ел Салвадор. Само еден шеф на држава, Џакомо Симончини од градот-држава Сан Марино во Европа, е помлад.

Новата влада веројатно ќе биде внимателно следена низ Латинска Америка, каде Чиле долго време е предвесник на регионалните трендови.

Бориќ можеше да победи со проширувањето на својата база во главниот град Сантијаго и привлекувањето гласачи во руралните области. На пример, во северниот регион Антофагаста, каде што заврши на третото место во првиот круг на гласање, го победи Каст со речиси 20 поени. (Според агенциите)