Чичко Југо загина под сопствениот прозорец – го прегазија со мотор на пешачка зона бегајќи од полиција


Скопјанецот Југо, синоќа бил прегазен со мотор на пешачка зона во близина на кејот кај Паркот на франкофонијата, додека одел да фрли ѓубре. Двајца на мотор го прегазиле и избегале. 

„Да умрам недалеку од местото кај што се родив, најчесто се поистоветува со човековата желба, честопати вкоренета во чувството на поврзаност со сопственото потекло и желбата за враќање кон домот, корените… Чичко Југо, татко на две прекрасни ќерки кои израснаa во прекрасни мајки и му подарија три внучиња. Чичко Југо на никого ништо не му згришил, да не го знаеш ќе се чудиш од каде толку фин, културен, кога и да те види ќе те поздрави, ќе ти направи секогаш фин муабет. Нема човек кој не го сакаше, не го почитуваше. Чичко Југо загина под сопствениот прозор, буквално под сопствениот прозор. Го убија со мотор, скап мотор, без таблички, бегајќи од полиција на Кеј 13 Ноември, покрај Паркот на Франкофонијата, каде што секогаш си играат нашите деца, кои беа сведоци на настанот. Секогаш ќе те памтиме само по добро чичко Југо“, вели најдобриот пријател на Југо, Дончо Наумовски за човекот кој го прегазија со мотор под прозорецот каде што живее, на кејот на Вардар.

На моторот, според информации на роднините имало две лица, кои бегале од полиција.

Од МВР денеска ја потврдија веста, па велат дека во вторникот, околу 19.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на пешачка патека во близина на ул.„Ленинова“ во Скопје, мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски ознаки, удрил во пешакот Ј.Н.(68) од Скопје, по што мотоциклистот го напуштил местото на настанот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, а со телесни повреди се здобил сопатникот од мотоциклот Х.И.(26) од Скопје, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“.

Од здобиените повреди, Ј.Н. починал во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Се огласи и неговата ќерка:

„Ми го прегазија татичко свирепо на пешачка зона на кеј, пред сопствениот прозорец. Се зацрни уште една фамилија. Дали ќе има крај на ова, до кога се прашуваме, до недоглед!!! Дали е тоа место за возење на мотори!? Ќе ми фалиш бескрајно, еден дел од мене засекогаш згасна“, гласи трогателната рекација на ќерката на загинатиот татко.

Таа во објавата порача дека ќе се бара правда!