Честа е голема, а општествената одговорност уште поголема: Интервју со Драган Даутовски за приемот во МАНУ

Многу уметници ќе ви кажат дека многу пораки, идеи, многу инспирации добиваат на сон. Јас сум еден од нив!, вели истакнатиот етномузичар, во интервјуто за „Независен“


Фото: Б. Грданоски

Проф.д-р Драган Даутовски, сега во пензија, истакнат етномузичар, композитор и педагог, музиколошки експерт кој мајсторски свири на повеќе од 20 народни инструменти, влезе во МАНУ, Пантеонот на Великаните. Веста е значајна за него лично, но и за музичката уметност, која по 20 години наидува на широко отворена врата кон највисоката и најзначајна институција во државата. 

За влезот во МАНУ, за неговиот порив како неуморен истражувач и изведувач на македонскиот музички фолклор и фолклорното богатство, како македонската гајда се најде на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како е да се свири на своевидна реликвија и зошто прочуениот психоаналитичар Карл Јунг е важен за неговиот живот и кариера, во продолжение на интервјуто за „Независен“. 

Фото: Б. Грданоски

Дали вашиот влез во МАНУ е признание за вашата кариера, но и институционално признавање на истражувањето на македонското музичко наследство?

Се разбира, мојот избор за дописен член во Македонската Академија на Науките и Уметностите за мене е големо признание и своевидна сатисфакција за досега вложениот труд, четириесет години уметничка, педагошка и научна дејност. Да се биде член на МАНУ е чест, но и голема општествена одговорност. Академик е врвна титула и високо општествено признание за еден уметник и научен работник и се доделува само на заслужни и докажани професионалци во својата област, кои што имаат богато искуство и постигнале видливи резултати во нивната работа. Во мојот случај, ова признание доделено од страна на академската заедница, го доживувам и како почит кон моето залагање за зачувување на македонското културно наследство и негова промоција во светот. За тоа сведочат моите научни трудови, музички албуми и проекти и концертните настапи, како на домашната, така и на светската музичка сцена. Како пример ќе го наведам и последниот успех, кога низ една поприлично комплицирана процедура, со тимска работа, успеавме да создадеме услови македонската гајда да се најде на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Музичарите во историјата на МАНУ се застапени во релативно мал број, само тројца: композиторите Тодор Скаловски, кој за редовен член е избран во 1972 г. Властимир Николовски, за редовен член бил избран во 1981 г. и Ристо Аврамовски, за редовен член е избран во 2006 г. Вие професоре Даутовски сте четвртиот, за дописен член бевте избран минатата година, на 7 Ноември (2025). Дали е голема одговорноста што со вашиот избор се пополнува празнина во Одделението за уметност и повторно се отвора простор музиката појасно да биде присутна во работата на МАНУ?

За жал, бројката на членови во МАНУ од областа на музичката уметност и наука е непримерно мала. Вистина, со мојот избор после долгата пауза од две децении, на некој начин во Одделението за уметност празнината е пополнета, но тоа пак значи дека музичката уметност, како еден постојан стожер на културата на живеење во едно општество, наидува на широко отворена врата кон највисоката и најзначајна институција во државата. И во таа смисла сосема е реално и јас, но и МАНУ во иднина да очекуваме тој број перманентно да се зголемува. Се разбира, тоа сепак најмногу ќе зависи од научната „видливост“ и уметничка активност на моите колеги, се разбира и нивните амбиции да поминат низ врата низ која и самиот пред неколку месеци влегов. Со моето пристапно предавање, кое се одржа на 25 Март 2026 година, на кое покрај научното излагање се определив и за две музички изведби-композиции: „Со маки сум се родил“ и „Црна се чума зададе“, со што после долги години музиката повторно беше просторно, енергетски, сеприсутна во салата-амфитеатар на МАНУ. Според многу коментари, просторот како повторно да живна, оживеа, се распеа. Оти академиците, особено членовите на Одделението за уметност, како да заборавија дека на човекот биогенетски му е дадено да пее, танцува, или свири. Исто како што на поетот биогенетски му е дадена моќ да владее со зборот, не само писмено забележан туку и звучно. Затоа што секој изговорен збор (дури и во мислите) има свој звук, своја фреквенција. Народот вели, секој збор има своја тежина, и има неизмерлива моќ да остави скоро неизбришлива трага (позитивна или негативна) врз човековата свест. Психологијата и квантната биологија не учат дека енергијата која тече со изговорените зборови има директна врска со свеста, таа е освестена ќе рече некој стар мудрец. Стана свесен за нештата. Можеби многумина ќе очекуваат одговорноста за музичката култура во Република Македонија на некој начин да се свали и на мои плеќи, тоа е во ред, но и јас ќе очекувам од МАНУ во иднина да даде поголем простор на музичката култура.

Фото: Б. Грданоски

Кој ве предложи на конкурсот на МАНУ?

Група влијателни интелектуалци, кои долги години ја пратат мојата уметничка, педагошка и научна дејност, ми предложија да направам напор и да се пријавам на распишаниот конкурс од страна на Македонската Академија на Науките и Уметностите (МАНУ) за прием на нови членови во највисоката институција во Република Македонија, од областа на науките и уметностите. Јас таа иницијатива ја прифатив и најнапред побарав поддршка од проф. м-р Дарија Андовска, декан на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје), која без никаква резервираност ја прифати и како таква најнапред ја постави пред деканската управа, а потоа како точка на дневен ред, предлогот беше изнесен и пред Наставно Научниот и Уметнички Совет (ННУС) на ФМУ-Скопје, каде колективот преку формата тајно гласање, со апсолутно мнозинство го поддржа предлогот, со што беше обезбеден еден од главните услови кои што ги налагаше конкурсот, а тоа е предлогот да произлезе од матична институција во која си вработен. Потоа следеше вистинска трка со времето и подготовка на преостанатата документација која се бараше во конкурсот. Трка која деканката проф. м-р Дарија Андовска и продеканката за настава Соња Здравкова-Џепаровска пожртвувано ја истрчаа, за што од срце им благодарам.

Што е за вас врв како неуморен истражувач и изведувач на македонскиот музички фолклор и фолклорното богатство?

Како врвно остварување и свој личен успех ја сметам успешно поставената цел и стратегијата за покренување и реализација на една повторна и сеопшта културна преродба македонскиот музички фолклор и фолклорното богатство, воопшто. Преродба која сеуште е активна и силна како што беше кон крајот на осумдесетите години од минатиот век (1988/89). Години кога народните музички инструменти успеав да ги внесам во наставните програми на средните музички училишта во Скопје и во Штип, а потоа и на Факултетот за Музичка Уметност при УКИМ, Скопје, а нешто подоцна и на Музичката академија при УГД, Штип. Со тоа се создадоа услови за креирање на академски профил кој че се занимава со проучување и изучување и музицирање на народни музички инструменти, со што се изврши и директно влијание на македонската музичка сцена. Се појавија многу млади луѓе и групи кои го негуваа македонскиот музички фолклор. Нешто подоцна тоа се случи и со традиционалните игри кои исто така како наставна програма влегоа во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, чии настап имавте прилика да го проследите на моето пристапно предавање во МАНУ.

Со проучувањето на народните инструменти се занимавате уште од 1989 година, што се совпаѓа со пронаоѓањето на археолошкиот артефакт-уникатната теракотна топчеста флејта, пронајдена во неолитската населба „Мрамор“, во близина на Чашка-Велес, која на еден начин, ви ја обележа кариерата и ви го „трасира патот“ до МАНУ. На пристапното предавање во МАНУ, спомнавте, дека средбата со тој артефакт ви била најавена на сон, што според вас има врска со некои толкувања на Карл Густав Јунг.

Да, тој интимен момент го споделив и со присутните на моето пристапно предавање. Уште како петтоодделенец јас секоја вечер скоро до раните утрински часови тивко свирев и тагував со мојата жолта мандолина, доживувајќи визии дека еден ден ќе свирам и тоа сам на озвучена сцена, осветлена со црвени рефлектори, пред луѓе кои мирно седат и внимателно слушаат. Денес можам да кажам дека многу визии и мечти за кои сонував како дете, а врзани за музиката ми се остварија. Многу настапи наликувале, или ме потсетувале на таа визија водилка, но на крај ќе заклучам дека сепак не е тоа, барем не по истиот интензитет на кој се сеќавам, интензитет длабоко врежан во мојата потсвест. И ете, мошне чувствителната и постојана халуцинација која ја доживував како вистинска, и која беше толку далеку од мојата детска реалност, сеуште желно и трпеливо ја очекувам, препуштајќи и се на мојата музичка интелигенција, интуиција и творечки инстинкт да го обликуваат мојот уметнички пат и животна филозофија, која се темели на личните животни искуства и сознанија врзани за животворниот потенцијал (енергија) на звукот, или она што го нарекуваме музика. Многу уметници ќе ви кажат дека многу пораки, идеи, многу инспирации добиваат на сон. Јас сум еден од нив! Умешноста, или, чувствителноста, природната склоност, дарбата за музика и пред се вербата, се условите да ги уловите информациите кои вашата душата ви ги „обезбедува“ од емоционално емотивното поле (длабоката потсвест), потоа ваш е изборот дали и како истите информации ќе ги претворите во материјална реалност. Со други зборови, како тие информации ќе ги организирате во она што ние луѓето го нарекуваме музика. Подоцна, во студентските денови, запознавајќи се со делата на Карл Густав Јунг, дознав дека ваквата состојба на свеста се нарекува синхроницитет (син-исто, хронос-време, истовреме), или „значајна случајност“, како што уште го нарекува, а означува настани кои изгледаат поврзани на начин што не може да се објасни како обична случајност, туку носат чувство на некаков подлабок ред или смисла. Случајност не постои. Во таа смисла пораката која што ја добив на сон после одржаниот концерт во далечниот Санкт Петербург, град во Северозападна Русија и која гласеше: „ќе добиеш порака, од друг свет ќе чуеш глас, твоја обврска…“, беше сосема јасна и силна најава на мојата средба со неолитската топчеста флејта, само неколку месеци потоа. Средба со навидум временска дистанца од 6000 години. Велам навидум, затоа што, нашите далечни и премудри предци сфатиле дека ние луѓето сме времето, човекот е време. Денес времето го доживуваме сфаќаме и третираме сосема поинаку.

Вие, речиси буквално, го оживеавте инструментот кој лежел милениуми под земја чекајќи го следниот свирач. Единствено вие свирите на неолитската флејта, која изворно има три тона што се добиваат од три отвора поставени во вид на замислен триаголник, а сте успеале на неа да отсвирите 16 тонови. Какво е чувството?

Чувствувате и свесни сте дека во рацете држите своевидна реликвија. Сфаќате, дека таа е моделирана врз принципите на античката, или светата геометрија. Пробивањето на три дупчињата-перфорација кои се во позиција на совршен замислен триаголник, укажуваат на нејзината единственост, целост-унитарност како звучен предмет-музички инструмент кој има за цел музичка молитва, звучно обраќање, или разговор со Создателот и господарот на светот! Триаголникот значи и присутност и на двата принципи Јин и Јанг, односно женскиот и машкиот принцип. Во музичката теорија тоа е дурски квинтакорд, составен од голема терца (машкиот принцип) и мала терца (женскиот принцип). Случајно? Се разбира не!
Со посебна техника, која ми ја обезбедува тридецениското дружење со македонскиот кавал, инструмент на мојата душа, но и звучен архетип и на душата на македонецот можам да изведам низа од 17 тонови, што е доволно за една издржана и естетски организирана музичка интерпретација на овој музички инструмент од праисторијата.

Фото: Б. Грданоски

Имате постигнато мошне високо ниво и во компонирањето, и во изведбата, и во проучувањето на музиката и во едукацијата, така што во вашата исклучителна творечка личност се обединуваат сите релевантни приоди кон музичката археологија како мултидисциплинарна научна област. Што ви одземаше најмногу време, а што ви донесе најмногу сатисфакција?

Се разбира, еден професионален музичар, изведувач на било кој музички инструмент најмногу време посветува на вежбањето. Со што се стекнува со адекватна изведувачка техника на инструментот за кој што се определил. Во мојот случај тоа се навистина многу инструменти и на секој од нив им посветив навистина многу време, за да можам непречено да се бавам со создавањето на музика, односно да се бавам со раѓањето на звукот, првенствено како мисловен, или невролошки процес, а како што реков претходно, материјализација на звучните информации. Музицирањето на било кој музички инструмент е израз на сензациите на она што се нарекува наша комуникативна музикалност, со цел создавање музика.

Промовирајќи го македонското музичко творештво, честопати бевте вклопени во програмите и на Унеско и со концертни настапи во најпрестижните сали низ светот. Дали на македонската музичка сцена има наследници во тој поглед?

Јас лично гледам многу млади луѓе со голем потенцијал, но сепак за тоа треба време, добар менаџмент и се разбира најмногу конкретна поддршка од релевантните институции државата. Искрено се надевам дека ќе ги има.

Макар што припаѓате на една многу помлада генерација, го правите она што пред вас, во поезијата, го имаат сторено Петре М. Андреевски и Радован Павловски, а во сликарството Димитар Кондовски и Глигор Чемерски – поставување мост помеѓу далечните времиња на македонскиот искон и современиот миг на нашето сегашно живеење и опстојување. Вашето име е врзано и со почетоците на „Синтезис“, „Драган Даутовски квартет“…Во што е уникатноста на вашиот личен музички израз?

Ова ваше прашање е изведено од одржаната брилијантна пригодна реч на почитуваниот академик Влада Урошевиќ, по повод моето пристапно предавање во МАНУ на 25 Март 2026 година. Со тоа што ги поистовети моите музичко-уметнички остварувања со оние на поетско-сликарските великани Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Димитар Кондовски и Глигор Чемерски, јас лично го доживеав како сосема јасно и умислено враќање назад на големото ПРА, како неделив чинител, движечка сила на светото тројство: ПРА звук, ПРА слика, ПРА слово (збор). Почитуваниот академик Влада Урошевиќ исто така го доживеав и како „поетски археолог“, кој многу умешно се втурнал во копање на една почва која се нарекува биографија, во потрага по релевантни нешта врз кои ќе ја изгради звучноста на пронајдените зборови и нивните музички интеракции едни со други, со очигледното животно искуство и врвен поет, раскажувач, романописец и есеист, со остар осет за фонологијата, односно аудитивен сензибилитет, со невидена леснотија присутните ги подготви да ги слушаат неговите избрани зборови и внимателно да слушаат што имаат да кажат, да изнесат. Ви благодарам академик Урошевиќ.
Што се однесува до „ДД Синтезис“ и „Драган Даутовски квартет“, тоа се проекти како резултат на мојата уметничка дејност, на кои особено сум горд. Уникатноста на мојот музички израз е автентичноста, односно уметничкиот идентитет, изграден на основа на моите биогенетски предиспозиции (дарба за музика) и врз темелите на колективното музичко наследство на заедницата на која и припаѓам, македонскиот народ.

Дали вашите деца го следат вашиот музички пат? Што ги советувате?

Да! Мојот син Ратко скоро дваесет години е член на моите состави и активно учествува во сите мои проекти, Вработен е во националната установа Танец. Настапува со многу музичари во Македонија но и во странство. Ќерка ми Драгана е професор, пијано корепетитор во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а повремено зема учество и на мои концертни настапи. Ги советувам како прво да бидат добри луѓе, посветени на своите семејства, но и на своите работни обврски.