Чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар во официјална посета на С Македонија


Министерот за одбрана на Чешката Република, Лубомир Метнар денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
 
Како што соопшти Министерството за одбрана, министерот Метнар ќе оствари те-а-тет средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а ќе се одржи и заедничка средба на македонската и чешката делегација.
 
Во текот на посетата ќе биде потпишан Меморандум за разбирање за техничка соработка меѓу Министерствата за одбрана и  за внатрешни работи на Северна Македонија и Министерството за одбрана на Чешка. Меморандумот ќе го потпишат чешкиот министер за одбрана Метнар, министерката за одбрана Шекеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
 
За време на официјалната посета, чешкиот министер ќе има одвоени средби со претседателот Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателот на собраниската комисија за одбрана и безбедност, Миле Талевски.
 
Чешкиот министер за одбрана Метнар потоа ќе има презентација за безбедноста пред Комисијата за одбрана и безбедност и Собраниската делегација во ПС НАТО, а чешкиот заменик-министер за одбранбена политика и стратегија, Јан Хавранек пред нив ќе одржи предавање за безбедноста.