Чешката култура ќе биде претставена во Македонија


Амбасадата на Чешката Република сака да излезе од фокусот на политиката и на македонската јавност да ѝ ја претстави чешката култура за да може уште повеќе да ги приближи двете земји. „Сега кога кризата во вашата земја е завршена со претседателските избори, сакаме да се насочиме и кон други работи кои не се поврзани со политиката“, вели чешкиот амбасадор Мирослав Томан. „Се разбира, наш прв приоритет е да помогнеме што е можно повеќе Македонија да добие одлука за почеток на преговорите со ЕУ на самитот кон крајот на јуни и да ги зајакнеме економските врски меѓу двете држави. Но, за да ја доближиме Чешка повеќе до македонската јавност, решивме оваа година да се фокусираме и на други работи“, нагласува Томан.

Тие „други работи“ се Денови на чешката култура во Скопје и претставување на чешката кујна. За таа цел, кон крајот на мај и почетокот на јуни ќе биде организирана изложба посветена на стоте години историја на чешките стрипови. На таа изложба ќе бидат претставени цртежи на познатиот автор на стрипови Карел Саудек. Историјата на чешкиот стрип за деца почна веднаш по Првата светска војна во државата што тогаш беше Чехословачка, со дела наменети главно за децата. По Втората светска војна и владеењето на комунистите, стрипот беше потиснат, бидејќи властите на него гледаа како на некаква субверзивна империјалистичка алатка. За време на демократските движења во Чехословачка во 1960-тите години, стрипот повторно доби на значење, за потоа пак да биде потиснат по советската интервенција во 1968 година. Стрипот стана важен културен жанр по „Кадифената револуција“ во 1989 година. Карел Саудек, кој почина пред четири години на 80-годишна возраст, е еден од најпознатите чешки стрип-цртачи и сликари, чии дела ги забрануваа комунистичките цензори. Тој и денес се нарекува крал на чешкиот стрип. Македонската јавност сега ќе може да види дел од неговата широко признаена уметност.

Во рамките на Деновите ќе биде прикажан и филмот „Четири убиства се доволно, драга“, многу позната комедија од 1971 година, која во времето на „нормализацијата“ одигра важна улога во зачувувањето на дамарот на чехословачката кинематографија.

Покрај тоа, во клубот „Вудсток“ во Скопје, каде што се служат чешки пива, ќе настапи познатата пејачка Владивојна ла Чиа. Оваа 35-годишна пејачка и композиторка е една од најспецифичните појави на чешката музичка сцена. Таа свири гитара, а во Скопје ќе настапи сама без својата група. Позната е и по тоа што компонираше музика за повеќе филмови, а нејзините албуми се меѓу најпродаваните во Чешка. Многумина ја сметаат за прилично екстравагантна, иако таа за себе вели дека е само обична рокерка.

Во рамките на оваа манифестација, во скопскиот ресторан „Пелистер“ ќе се одржат и Денови на чешката кујна. За таа цел ќе допатуваат двајца чешки готвачи, кои на скопските гурмани неколку дена ќе им подготвуваат познати јадења од своето поднебје кои се специфични за тамошната кујна. Без чешкото пиво не би било ништо, па затоа ќе се точат познатите „плзен урквел“ и „козел“.

„Ова ќе биде почеток на едно поинакво запознавање на македонските граѓани со Чешка и тоа ќе продолжи и понатаму“, нагласува амбасадорот Мирослав Туман. (Љ.П.)