Чекорење во место со кредитниот рејтинг

Поразително е сознанието дека во сите изминати речиси две децении еден од најзначајните параметри е горе-долу ист. Партиите можат до бескрај да докажуваат кој е повеќе виновен за тоа, проблемот е што оние на кои нивните одлуки се рефлектираат, а тоа се граѓаните, имаат малку или никакво фајде од тоа


Ниту една владејачка гарнитура во изминатите 17-тина години, како оние предводени од СДСМ, така и од ВМРО-ДПМНЕ, а во кои како константа е ДУИ, не можат да се пофалат дека на земјата ѝ обезбедиле инвестициски кредитен рејтинг.
Деновиве повторно се разгоре политичката пресметка околу оцената на кредитниот рејтинг што го доби Македонија од една од двете кредитни агенции кои од 2004 година наваму редовно на годишна основа ја анализираат способноста на земјата да одговара на обврските што ги има кон странските кредитори и кои прават детална анализа за состојбите во економијата и пошироко во општеството имајќи ги во предвид и политичките случувања.
Повод за најновите препукувања беше кусата објава на Фејсбук страницата на Министерството за финансии дека „кредитната агенција ‘Стандард и Пурс’ го потврди кредитниот рејтинг ББ-, со стабилен изглед за РС Македонија“.
Зад ваквата вест непотребно беа ставени два извичници, како да е кој знае какво достигнување (или можеби треба да се чудиме?), а потоа следеше констатацијата дека „потврдата на кредитниот рејтинг од страна на кредитната агенција е само уште една потврда за позитивните економски политики коишто ги спроведува Владата“.
И толку. Од Министерството за финансии се уште го немаат објавено целосно образложението на СиП врз основа на кое ја темели ваквата оцена, ниту дали изгледите се стабилни, позитивни или негативни, што е исто така важно за да се даде конечен суд дали овој кредитен рејтинг влева надеж дека работите одат во добра насока, стојат во место, или пак, има опасности кои се надвиснуваат и кои во догледно време можат дополнително да го влошат кредитниот рејтинг.
Дали поради ова, ВМРО-ДПМНЕ „намириса“ добра можност да поентира (иако ваквиот потег е дискутабилен, бидејќи сегашната оцена е резултат и на нивното делување како опозиција), па викендов распали преку сите средства тврдејќи дека „Бесими и Ковачевски се фалат со кредитен рејтинг кој што е означен како ‘ѓубре’, повикувајќи се на квалификации од интернет страницата Инвестопедиа.
Во суштина, констатацијата е точна – во инвестицискиот жаргон постојат во основа две поделби на кредитните рејтинзи – оние означени како „инвестициски“ и другите како „шпекулативни“ или популарно наречени „џанк“ односно „ѓубре“.
Работата е во тоа што Македонија до сега никогаш немала инвестициски кредитен рејтинг, ниту додека ВМРО-ДМНЕ била на власт, ниту кога тоа била СДСМ. А, со истите такви кредитни рејтинзи и со сличен вокабулар, сегашната опозициска партија се фалеше додека беше на власт. Тогаш, се разбира, не беа „ѓубре“.
Исто така, треба да се има во предвид дека оцената ББ и нејзините варијации со „плус“ и „минус“ се во групата кредитни рејтинзи кои се најблиску до најниското инвестициско скалило, кое во зависност од кредитната агенција се означува како Баа3 (Мудис) или БББ- (СиП и Фич), како и дека е две, односно три скалила над најлошите кредитни рејтинзи (и кои навистина може да се означат како „ѓубре“), а кои се со оцените Б, ЦЦЦ или со најлошата Д.
Ваквото „огледало на душата“ на една земја (или компанија) го отсликуваат неколку кредитни агенции од кои три (Мудис, Стандард и Пурс и Фич) се означени како своевидно „свето тројство“ поради неприкосновеноста која ја имаат во својата работа, без оглед дали нивните оцени некому се допаѓаат или не, и дали тие ќе втурнат некоја земја во должничко ропство или пак ќе ја запечатат судбината на некоја компанија.
Нашата земја, по долго колебање, прв пат побара оцена на кредитниот рејтинг во 2004 година (тогаш на власт беше СДСМ) кога од страна на Стандард и Пурс беше оценета дури и подобро отколку сега – со ББ, а следната 2005 година доби и подобар рејтинг ББ+, што е на чекор до инвестициски рејтинг.
Во 2008 година (тогаш на власт беше ВМРО-ДПМНЕ) оваа кредитна агенција ја намали оцената за Македонија на ББ, како влијание на глобалната финансиска криза, а подоцна во 2014 година (исто така во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ) го намали уште еднаш, на ББ- „како резултат на јавниот и надворешниот долг и очекувањата за раст на економијата“. Оваа оцена се провлекува и наредните години, со тоа што изгледите се менувале од стабилни, негативни или позитивни.
Во извештајот од февруари годинава, достапен на интернет страницата на Министерството за финансии, оцената исто така беше ББ- со стабилен изглед. Стандард и Пурс меѓу другото вели дека стабилната перспектива го одразува нивното очекување дека проектираното економско закрепнување на земјата ќе помогне да се зауздаат фискалните и надворешните дефицити во текот на следната година. „Можеме да го подигнеме рејтингот доколку продолжените реформи ги зајакнат институционалните суверени аранжмани и се зачуваат одржливите фискални политики. Аспирациите на Северна Македонија за ЕУ би можеле да останат сидро за институционални подобрувања и прогрес во структурните реформи. Негативното сценарио, пак, вели дека рејтингот може да се намали доколку дефицитите на фискалната и тековната сметка се повисоки отколку што предвидува СиП во следните една до две години, заедно со континуиран пораст на нето државниот долг или зголемување на надворешен стрес.
Слично стојат работите и со оцените на Фич – во 2005 година кредитниот рејтинг на земјата доби оцена ББ, една година подоцна со мирната транзиција на власта беше зголемен на ББ+, што се задржа до 2015 (но со негативна перспектива) што продолжи и во почетокот на 2016 година, а веќе во август истата година дојде до намалување на кредитниот рејтинг на ББ, на што влијаеше и политичката нестабилност во тоа време.
Во јуни 2019 година Фич повторно го зголеми кредитниот рејтинг на Македонија на ББ+ што беше своевидно признание за тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски (кој набрзо потоа беше сменет од функцијата).
Тогаш од министерството се пофалија дека Фич го зголеми кредитниот рејтинг на Северна Македонија од ББ на ББ+, со стабилен изглед. „Подобрениот кредитен рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму влијае кон повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати – односно #ПраведенРаст и подобар животен стандард за сите граѓани, стоеше во објавата, а дополнително, дека станува збор за прво зголемување на кредитниот рејтинг по 13 години.
Оваа кредитна агенција ја задржа оцената ББ+ и во годинашниов нејзин извештај, но изгледите сега се „негативни“, поради, како што наведува меѓу другото континуираните ризици за раст во блиска иднина и јавните финансии поради пандемијата со Ковид-19, потоа високата изложеност на јавниот долг и високата структурна невработеност.
Сето ова зборува за поразителното сознание дека земјата во сите изминати речиси две децении практично чекори во место кога станува збор за еден од најзначајните параметри кои ја одредува цената на надворешното задолжување, а влијае и на привлекувањето странски инвеститори. Партиите можат до бескрај да докажуваат кој е повеќе виновен за тоа, проблемот е што оние на кои нивните одлуки се рефлектираат, а тоа се граѓаните, имаат малку или никакво фајде од тоа.